-Ако ЕУ продолжи да го изолира Косово, ќе се разговара за можноста за институционална акција или референдум за повторно обединување со Албанија. Ова може да го направиме преку парламентарни резолуции или референдуми во Косово и Албанија, но и во Прешево, Медвеѓа и Бујановац. Ако ЕУ не сака да прифати земји со две албански знамиња, ајде да прифатиме само едно знаме, рече косовскиот претседател Хашим Тачи на ТВ Дукаѓини.

Според него, оваа идеја “ќе ја врати историската вистина”. Тачи посочи дека “изолацијата” подразбира процес на “долготрајна визна либерализација” со ЕУ.

Претходно, Тачи постојано инсистираше дека волјата на граѓаните од Прешево, Медвеѓа и Бујановац, кои спаѓаат во Србија, е да се приклучат кон Косово. Тачи тврди дека 98 отсто од населението во овие српски места го посакуваат тоа.

Според српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, еден од главните проблеми на Западен Балкан е идејата за “Голема Албанија” – обединување на сите територии во кои живее албанска популација. Во овој случај, поред Дачиќ, Албанците би претендирале на дел од Грција, речиси половина од Северна Македонија, цело Косово, дел од јужна Србија и половина од Црна Гора.