Почна „Новогодишната кошница„ – Трчајте со список од маркет до маркет, цените се различни

„Новогодишна кошница“ започна да се спроведува. Бројот на производи во  континуирано расте и достигна 1.036, но листата не е затворена. Во акцијата досега се приклучени над 90 производители и дистрибутери на производи, а производите од 15 декември се достапни за граѓаните во 38 синџири на маркети. Граѓаните, пак, кои во неделата беа да пазаруваат реагираат дека цените пораснале и се скептични дека ќе има предновогодишно намалување. Додаваат дека цените и покрај владината мерка останале исти, а некои според нив се дури и повисоки. Трговците, пак, се правдаа дека причина за тоа што немало корекции кај некои од цените било тоа што мерката на сила стапила во недела и немале време да ги коригираат сите цени. Од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР велат дека секоја мерка која ќе го подобри стандардот на работниците и граѓаните е за поздравување. Но, додаваат дека тоа не ја исклучува потребата од зголемување на платите. Доколку граѓаните имаат повисоки плати не мора со списокот да трчаат од маркет до маркет и да бараат производи со пониски цени

73

Стапи на сила акцијата „Новогодишна кошница“, која опфаќа над 1.000 прехранбени производи со намалени цени од најмалку 10 проценти и ќе трае до 15 јануари. Граѓаните пак кои во неделата беа да пазаруваат реагираат дека цените пораснале и се скептични дека ќе има предновогодишно намалување. Додаваат дека цените и покрај владината мерка останале исти, а некои според нив се дури и повисоки. Трговците, пак, се правдаа дека причина за тоа што немало корекции кај некои од цените било тоа што мерката на сила стапила во недела и немале време да ги коригираат сите цени. Од Сојузот на синдикати на Македонија за весникот ВЕЧЕР велат дека секоја мерка која ќе го подобри стандардот на работниците и граѓаните е за поздравување. Но, додаваат дека тоа не ја исклучува потребата од зголемување на платите. Ако граѓаните имаат добри плати не мора со списокот да трчаат од маркет до маркет и да бараат производи со пониски цени.

Со акцијата „новогодишна кошница“ граѓаните ќе заштедат многу повеќе отколку со претходната мерката на владата спроведена во октомври, бидејќи бројот на производи кои се со пониски цени е повисок, а повисок е и процентот на намалување на цените, велат од Министерството за економија.

Оттаму велат дека акцијата „новогодишна кошница“ почна успешно и очекуваат нејзиното спроведување, а покрај Пазарниот инспекторат, кој ќе врши контрола низ маркетите за да се утврди дека се почитува договорот постигнат помеѓу владата и трговците, ќе ја следат граѓаните, Организацијата на потрошувачи и за првпат годинава синдикатите.

-Заштедата на граѓаните со октомвриската мерка беше 2.000 денари. Сега мерката има повеќе производи, бидејќи трговците сами ги понудија и сами понудија повисоко намалување од 10 отсто, веројатно заштедите на граѓаните ќе бидат повисоки. Ќе видиме на крајот на акцијата какви ќе бидат заштедите. Ќе кажат и синдикатите кои ја следат акцијата – вели министерот за економија Бесар Дурмиши.

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека секоја мерка која ќе го подобри стандардот на работниците и граѓаните е за поздравување, но сепак зголемување на платите е неопходно.

– Треба да се зголемат платите за да не мора граѓаните со список да трчаат од маркет до маркет за да заштедат некој денар, бидејќи еден производ кој го има на списокот на производи со намалени цени го има во еден маркет, а го нема во друг. Доколку имаат повисоки плати граѓаните нема да трчаат по маркети за да купат поевтино. И покрај тоа што на листата се над 1.000 производи треба да отидеш најмалку во пет маркети за да ги најдеш производите кои се намалени, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски од ССМ.

Тој вели дека пред да се донесе мерката овие производи кои сега се намалени претходно се покачија. Така на пример 10 јајца беа 77 денари, потоа ги покачија на 90 денари и сега ги намалија на 81 денар.

-Владата им остави доволно простор на трговците и производителите да ги зголемат цените пред да ја донесе мерката. Тие го искористија времето од едната до другата мерка и ги покачија цените, изјави Радовски и посочи дека и претходно пред Нова година и Божиќ имало вакви акции на одредени производи.

Доколку компаниите не се придржуваат на договореното кое самите го понудиле од Министерството за економија најавија дека прво ќе има опомени, а потоа и казни.

Државниот пазарен инспекторат на првиот ден од спроведување на мерката забележа ситни пропусти како нејасно одбележување на производите, паднат флаер поради што не се гледа старата цена и новата цена со намалување од минимум 10 проценти, но истите се отстранети.

– Постапуваме по Законот за заштита на потрошувачи и кога е акциска продажба, односно продажба од 30 дена, како што е во случајов од 15 декември до 15 јануари, се утврдуваат цените во изминатите 30 дена – од 15 ноември до 15 декември и од тој период најниската цена во суштина ја земаме како највисока цена и на неа треба да има намалување од минимум 10 проценти. Ако претходно имало манипулирање со цените треба да се провери на што се должело тоа зголемување, зашто некаде имаме и берзански производи, а после тоа да излеземе со коментар, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски.

Од опозициската СДСМ излегоа со став дека новогодишната кошничка е измама од  страна на власта.

-Измама со таканаречената новогодишна кошничка е во веќе покачените цени на производите на храна и пијалок кои граѓаните ги сведочат во маркетите во изминатиот период. Власта на Мицкоски им остави време и трговците ги покачија цените. Тоа освеш што го знаат граѓаните го потврдуваат и официјалните податоци на Државнот заводот за статистика. Инфлацијата во ноември е зголемена и изнесува 4,3% а зголемувањето е најмногу како резултат на зголемувањето на трошоците на животот за храна и безалкохолни пијалаци за 2,1%. Значи, јасно е како ден дека Мицкоски направи дил со трговците дозволувајќи им да се богатат на грбот на граѓаните. Очигледно е дека за новогодишните празници, кошничките на граѓаните ќе останат празни, а полни ќе бидат само касите на трговците, реагираат од СДСМ.

 (А.С.)