Во Буџетот можеби првпат по подолго време се предвидени средства за раст на платите за повеќе од десет отсто, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, пред седницата на Економско социјалниот совет – ЕСС. За премиерот Христијан Мицкоски работодавачите и работниците треба да се договорат околу минималната плата, ние не сакаме да се мешаме и во случајот сме само олеснувач.
-Тие треба да се усогласат околу параметрите, меѓу кои е и минималната плата. Владата е во поразлична позиција. Од аспект на централниот Буџет, колку е поголема минималната плата, толку поголеми приходи ќе има во Буџетот, но ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме двете страни да се усогласат, што можат едните, а што другите да прифатат, изјави премиерот за време на седницата на ЕСС.
Мицкоски појасни дека зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, а Владата само ќе профитира. – Проблемот е дали работодавачите можат да си го дозволат тоа, појасни Мицкоски.
Тој рече дека во Буџетот има пари за законското усогласување на минималната плата во март и за зголемувањето на платите во здравство и во образование. Но, а ко работодавачите и работниците се договорат за зголемување на минималецот, ќе се обезбедат пари преку ребаланс на Буџетот.
Претседателот на ССМ, Требдафилов, пред почетокот на седницата на ЕСС рече дека од тоа што можевме да го видиме од верзијата што ни беше достапна, во Буџетот можеби првпат по подолго време се предвидени средства за раст на платите за повеќе од десет отсто. Средствата за раст на платите се некаде 13,8 или 13,9 проценти во Буџетот во сооднос со претходната година.
Тоа ни дава до знаење дека Владата предвидува средства во согласност со колективните договори и законите за зголемување на платите.
-Мислиме дека ако се зголемат платите во јавниот сектор, Владата нема да има апсолутно никакви оптоварувања со евентуалниот раст на минималната плата, имајќи предвид дека сите вработени во јавниот сектор ќе бидат над износот на минималната плата, истакна Трендафилов.
Сите чинители во државата, напомена, се согласни дека е потребен раст на платите. – Минималната плата не само 450 евра, туку и повеќе, е барање на работниците изнесено преку ССМ.
-Се надеваме дека нашите аргументи, особено поради нарушениот животен стандард со постојаниот раст на синдикалната минимална кошничка која од почетокот на годината до денеска е порасната за повеќе од 4.800 денари, треба да бидат доволен мотив за покачување на минималната плата. Ветер во грб на работниците дава и растот на платите во регионот. Минималната плата во Црна Гора е порасната меѓу 600 и 800 евра, во Бих ќе бидат 600 евра од почетокот на наредната година, во Србија ќе бидат 454 евра. Сметаме дека не треба да дозволиме со висината на платите повторно да бидеме некаде на крајот на опашката на Балканот за да не ни се иселуваат оние работници кои останаа во Македонија, рече претседателот на ССМ.
Тој потсети дека од првата седница на ЕСС до денеска се одржувале редовни состаноци со претставниците на Владата и работодавачите за барањата од 1 мај – зголемувањето на платите и растот на минималната плата.