Проектот „МојДДВ“ како еден од најуспешните, го оправда своето постоење. За нешто повеќе четири години од спроведувањето на оваа мерка, преку „МојДДВ“ на сметките на граѓаните се слеале безмалку 120 милиони евра. Овие пари се директно исплатени на сметките на граѓаните и позитивно влијаат врз семејните буџети кај повеќе од 500.000 корисници на оваа мерка.

Освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка има и позитивен ефект во намалувањето на сивата економија. Се повеќе граѓани бараат фискални сметки од бизнисите. Евидентиран е зголемен број на пријави од страна на граѓаните за неиздавање на фискални сметки.

Во изминативе четири години, од почетокот на „МојДДВ“ биле поднесени повеќе од 5.600 претставки за неиздадени фискални сметки, што упатува на јакнење на свеста за значењето на даноците.

Од јануари 2023 година се зголеми прагот на враќање на дел ДДВ-то изразено во фискалните сметки, од 1.800 денари за едно тромесечје, на 2.100 денари, односно 8.400 денари годишно по корисник.

Граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје сега може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник. За цела една година тоа се 8.400 денари по корисник. Доколку во едно семејство има двајца корисници на оваа мерка, тоа се 16.800 денари во семејниот буџет во текот на една година.

И граѓаните сметаат дека за домашниот буџет важен е секој денар, особено кога долгогодишната хронична беспарица и немаштија се обременуваат со нови кризни состојби, без оглед дали се увезени или не. Затоа и не се занемарува податокот дека секој што скенира може да добие максимални 8.400 денари (7.200 до лани) на годишно ниво. Но, за тие средства да легнат на трансакциските сметки, претходно треба да се потрошат „големи“ пари.

Грубите пресметки покажуваат дека за остварување на кварталниот лимит од 2.100 денари во трговијата, во текот на три месеци, треба да се остават 100 пати по 2.100 денари или, 210 илјадарки. Притоа, важно е дали се купуваат производи од домашно или од странско потекло, храна или нешто друго…

За облеката и акцизните стоки се пресметува ДДВ од 18 проценти, за речиси сите други производи стапката е 10, а храната е со најниски, односно повластени пет проценти. И, со самото тоа, не е во игра за поврат на ДДВ, кој е 20 отсто од пресметаниот данок за македонски добра и услуги, а кај увезените – 10 проценти.

Статистиките на УЈП покажуваат дека се’ побројни се македонските граѓани кои скенираат фискални сметки и веќе е надмината бројката од 500.000 лица, наспроти првичните 212.776 корисници на апликацијата МојДДВ, која стартуваше на први јули 2019 година.

Скенираат и млади и стари (од 15 до 98-годишна возраст), од кои повеќето се жени. Во таа активност доминираат скопјани, но не заостануваат ниту штипјани, валандовци, битолчани,  гевгеличани… Најмногу скенирани сметки има од бензински станици, од маркети – мали и големи, од аптеки, продавници за облека, за бела техника.

Директорка на УЈП, Сања Лукаревска вели дека повратот на ДДВ може да биде и повисок од моменталниот од 2.100 денари, односно тој постепено да се зголемува. Сите показатели што произлегуваат од овој четиригодишен период укажуваат дека мерката „МојДДВ“ е добро дизајнирана и позитивно прифатена од граѓаните.

(А.С.)