„…најновата стихозбирка на Ќулавкова, ‘Небото ми е дома’ ,се протега во еден специфичен поетски ареал, од авторката определен како простор на духовна поезија, која е заснована на експресивна трансмисија на набожни чувства и мисли во стихови, користејќи притоа низа поетски средства како што се митските слики, симболите, реминисценциите, алегориите, метафорите и метонимиите, па и користење извадоци од најзначајни сакрални интертекстови. Поезија што воедно се потпира и на ритамот, алитерациите, асонанциите и на други јазични игри и фигури што го зајакнуваат нејзиниот севкупен естетски интензитет…“, стои во образложението за одлуката

Академик Катица Ќулавкова, која е позната македонска поетеса и книжевна теоретичарка, е лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“, за поетската збирка „Небото ми е дома“. Ова признание се доделува за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. „Небото ми е дома“ е духовна поезија во издание на Струмичката православна епархија. Ќулавкова по вторпат го добива ова високо признание, откако го прими во 1989 г., за стихозбирката „Жедби“.

За наградата одлучуваше жири-комисијата во состав: Ефтим Клетников (претседател), Весна Ацевска, Глигор Стојковски, Александра Јуруковска и Дарин Ангеловски (членови), по прочитот на сите 53 пристигнати книги. Во потесниот круг од пет книги влегоа и збирките; „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорго Димоски (издание на „ПНВ публикации“); „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова- Бошнакоска (издание на „Макавеј“); 3. „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска (издание на „Чудна шума“) и „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков (издание на ТРИ). Овие четворица кандидати, исто така, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.

Одлуката наградата „Браќа Миладиновци“ да ѝ биде доделена на книгата „Небото ми е дома“ (духовна поезија) на поетесата Катица Ќулавкова е донесена едногласно.

„…најновата стихозбирка на Катица Ќулавкова, ‘Небото ми е дома’ ,се протега во еден специфичен поетски ареал, од авторката определен како простор на духовна поезија, која е заснована на експресивна трансмисија на набожни чувства и мисли во стихови, користејќи притоа низа поетски средства како што се митските слики, симболите, реминисценциите, алегориите, метафорите и метонимиите, па и користење на извадоци од најзначајни сакрални интертекстови. Поезија што воедно се потпира и на ритамот, алитерациите, асонанциите и на други јазични игри и фигури што го зајакнуваат нејзиниот севкупен естетски интензитет…“, стои во образложението за одлуката.

Од жири-комисијата посочуваат, меѓу другото, и дека својот однос кон духовната поезија, Ќулавкова го манифестира во некои свои песни уште од својата прва поетска книга, „Благовести“, но и во низа други свои стихозбирки.

„Но, овде, во ‘Небото ми е дома’, станува збор за свесно моделирана концептуална поетичка надградба, за ‘гледање со душата’, која е во дослух со оној вид поетски говор што има ‘изразен осет за сакралниот ерос’ и копнеж, за возљубеноста, карактеристична само за човечкото битие”, додаваат од жири- комисијата.

Инаку, Катица Ќулавкова, поетеса, есеистка, теоретичарка на книжевноста, e редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (од 2003), член на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН. Била универзитетски професор по теорија на книжевност на државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 16 книги поезија на македонски, 18 преводи на нејзината поезија (англиски, француски, турски, италијански, хрватски, романски, португалски, руски, словенечки, бугарски, српски и др.), две збирки куса фикција и една поетска драма, како и над триесет хрестоматии, антологии, критички изданија и др. Има преведено есеи, поезија и книги од француски на македонски јазик (Сафа Фати, Паскал Кињар). Добитник е на најголемите награди за поезија, есеистика и наука во Македонија, вклучително и на државната награда за животно дело – „11 Октомври“, потоа наградата на романската Асоцијација на писатели и на Албанскиот ПЕН. Од Владата на Република Франција е одликувана со орденот „Офицер во Редот на уметноста и книжевноста“.

„Струшките вечери на поезијата“, како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, ќе се одржи и годинава, во вообичаениот термин, на крајот од август, од 22 до 26 август, во своето автентично издание, на препознатливите локации.

 

Фото: Жарко Чулиќ