АИ: Фармацевтските компании создадоа вештачки недостаток на вакцини

36

Генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламар, ги обвини фармацевтските компании дека намерно создале недостаток на вакцини продавајќи ги дозите по недостапни цени за сиромашните земји, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во интервју за белгискиот весник Ле Соар, и неколку дена по објавувањето на критичниот извештај на Амнести Интернешнл за кризата со Ковид-19 и вакцините, генералната секретарка на оваа организација уште еднаш остро ги нападна фармацевтските компании за нивната улога во здравствената криза.

Извештајот кој го објави АИ минатата недела детаљно ги анализира процесите на производство и дистрибуција на шесте наголеми компании. Заклучокот е дека овие фирми не ги почитувале своите обврски пред меѓународното право и човековите права.

Каламар вели дека нема сомнеж дека овие фирми имаат капацитет и ресурси да одговорат на проблемите што ги имаат сиромашните земји да стигнат до вакцини и нагласува дека компаниите се во ситуација на монопол, што значи дека имаат контрола.

Освен АстраЗенека која одредено време ги продаваше дозите поевтино, генералната секретарка смета дека посебно Фајзер и Модерна ги направија вакцините достапни само за богатите земји. Фајзер, вели таа, продаде помалку од еден отсто од своето производство на земјите со низок приход, а Модерна 12 отсто. Овие две компании не работеле ниту со Ковакс, глобалната иницијатива за редистрибуција на вакцините.

-До крајот на 2022, Фајзер ќе направи 86 милијарди долари профит благодарение на вакцините, а Модерна 47 милијарди долари. Овие компании се одлучија за профит, на штета на нивната одговорност кон човековите права, правото на живот и правото на здравје. Да потсетиме и дека денеска помалку од еден отсто од населението во земјите со низок е приход е целосно вакцинирано. Овие компании создадоа вештачки недостаток на вакцини, обвини Агнес Каламар во интервјуто.

Таа додаде дека во 2021 нема оправдување за фактот што нема излез од кризата за целиот свет. Тој излез, вели таа е вакцината, а механизмот за редистрибуција е Ковакс.

-Му дадовме предност на профитот на фармацевтските компании, рече генералната секретарка на Амнести интернешенл и додаде дека во случај на светски кризи е многу ретко да постои конкретно решение, како што е во случајот со ковид-19, и дека е крајно време за вакцинална правда за целиот свет.