Азманов и Боки 13 одат на суд?!

144

Случајот со бизнисменот Зоран Азманов и 1 ТВ ја разбранува јавноста. По најавата на телевизијата дека наскоро ќе емитува серијал “Македонски инсајдер#, од кој едно од досиејата се однесува на градежната мафија, засегнат се најде бизнисменот Зоран Азманов, како единствен споменат сопственик на градежна компанија со име и презиме. Тој вчера објави дека во телефонски разговор сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски (познат како Боки 13) му побарал рекет од 50.000 евра.

– Не го снимив разговорот, бидејќи не знам како се прави тоа, но го пријавив во полициската станица “Пролет# во петокот во 13:51 часот, изјави Азманов на вчерашната прес-конференција и додаде дека против сопственикот на телевизијата поднел и кривична пријава за изнуда и за изнесување невистини во најава за емисија во која го споменуваат како дел од градежна мафија.

Тој тврди дека никогаш не влијаел на промена на урбанистички планови, за што, според неговите сознанија го обвинуваат во се уште неемитуваната емисија на 1ТВ. Исто така, одрекува дека во телефонската и СМС-комуникацијата со главниот уредник и сопственикот на телевизијата изнесувал смртни закани. Азманов се извини за пораката што му ја испратил на главниот уредник Ацо Кабранов во која стои дека ќе го реши по цена на смрт и рече дека ја испратил во афект.

– Уредувачкиот тим на 1 ТВ го охрабрува Азманов да го пријави рекетот во наделжните институции за расветлување на случајот, велат од 1 ТВ

Осуда на заканите кон новинарите од 1ТВ од страна на бизнисменот Азманов, вчера дојде од Здружението на новинари на Македонија.

– Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува вербалната закана за убиство упатена кон новинарите и уредникот на 1ТВ, Ацо Кабранов, од страна на бизнисменот Зоран Азманов. Овие закани претставуваат брутално кршење на правата на новинарите и обид за цензура во медиумите кои се обидуваат критички да ја опсервираат работата на бизнис заедницата, стои во соопштението ан ЗНМ, со барање МВР и Јавното обвинителство активно да го следат овој инцидент во насока на брза разрешница.