Азески и Хисарчиклиоглу во Анкара договорија неколку долгорочни заеднички активности

19

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески на работна средба во Анкара со претседателот на Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ) Рифад Хисарчиклиоглу договори неколку долгорочни заеднички активности.

Договорено е Комората да добие две канцеларии во турското претставништво во Брисел со целокупна логистичка поддршка за непречено функционирање, двајца вработени во Стопанската комора бесплатно да ги завршат докторските студии на престижниот Универзитет за економија и технологија ТОББ ЕТУ во Анкара и двајца вработени во Комората бесплатно да заминат на стручно усовршување во одделот за меѓународна соработка и извоз во Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ).

На средбата е договорено на 14 јули во Охрид да биде потпишан договор за долгорочна соработка меѓу регионалната бизнис асоцијација КИФ со седиште во Трст, формирана со имплементацијата на заклучоците од „Берлинскиот процес“ и Унијата на турските комори и стокови берзи (ТОББ).

Двајцата соговорници на средбата во Атина размениле мислења и за состојбите со кои се соочува економијата во глобални рамки по здравствената и економската криза на која се надоврза и енергетската, главно предизвикана од руско-украинскиот конфликт. Во таа насока, велат од Комората, денеска ќе се реализира и деловна средба со група истакнати бизнисмени од Турција.

Регионалните активности на претседателот на Комората Азески, кој е и копретседател на Коморскиот инвестициски форум започна во понеделникот со работен ручек со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, на која се разговараше за клучните прашања поврзани со регионалната економска соработка и перспективите за продолжувањето на процесот на воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан.

На 25 април, Азески ќе биде и панелист на 5. Јахорина бизнис форум на кој е најавено учество на повеќе од 550 домашни и странски бизнисмени. Форумот се одржува под покровителство на претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ.

Средбите и активностите на Азески се во пресрет на состанокот на Бизнис платформата Западен Балкан-ЕУ што Коморскиот инвестициски форум го организира следната недела во Брисел, во присуство на еврокомесарот Вархеји и директорати на Европската комисија, претставници од Регионалниот совет за соработка – (РСС), ЦЕФТА Секретаријат, Транспортната заедница и Еурочембрес. На состанокот ќе се разговара за клучните очекувања и барања на бизнис заедницата од регионот, по една ипол година од спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар.