Со усвојувањето на уставните измени можеме да очекуваме прво решавање на многу економски прашања кои ја кочеа економската размена меѓу двете земји, а потоа и интензивирање на соработката, смета претседателот на СКМ, Бранко Азески
– Ние со Грција и досега остварувавме добра соработка, а сега со прифаќање на уставните промени мислам дека ќе се надминат и проблемите кои постоеја поради немање договор за двојно оданочување и на други бизнис договори кои заради проблемите со името не беа потпишани, а кои ќе ја поттикнат трговската соработка меѓу двете земји, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на промоција на монографијата „60 години Витаминка#.
Според неговите очекувања во наредниот период ќе има зголемување на соработката и интензивирање на економските активности во двете земји. – Ние и во иднина ќе контактираме со земјите во регионот со цел јакнење на соработката и поголемо регионално поврзување, додава Азески.
Што се однесува до прашањето околу предвремените парламентарни избори, Азески смета дека тие ја забават економската активност на компаниите, но за да бидат побезболни тој препорачува да бидат кратки, сконцентрирани, концизни.
– Ние како бизнис заедница не сакаме да ги кочиме демократските процеси и сакаме да си ги вршиме нашите работи, но она што бараме е кампањите да бидат кратки, сконцентрирани, концизни и да не се врши притисок на бизнисот. Мислам дека политичките партии можат да постигнат таков консензус околу нивното финансирање и околу скратување на роковите за избори, вели Азески.
Според него, ние од 2015 година откако влеговме во оваа криза не кренавме раце. – Ние треба да ги решаваме нашите проблеми и тоа го покажавме во примерот со Грција, а го покажавме и на други примери во регионот. Бизнисот полека да си го заземе своето место и непречено, надвор од политичките процеси да си ги врши своите работи и да се држи до своите надлежности, а политичарите да му остават простор тоа да го направи, бидејќи тоа е и во наш интерес и во интерес на државата, потенцираше тој.
Во врска со проблемот со царините за челикот, Азески смета дека на малите земји како Македонија не треба да и се поставуваат вакви услови пред да влезат во ЕУ.
– Поставувањето на вакви услови создава сериозни проблеми. Не е само овој проблем имаме воведено низа критериуми за подготовка за влез во ЕУ кои се обврски за стопанството. Мислам дека со царините треба да сме доста претпазливи затоа што тој процес може да се одлага, а обврските кон субјектите остануваат. Ние ќе вршиме постојан притисок тие прашања да се стават на дневен ред по нашиот прием во ЕУ, а Владата ќе ја поддржиме да најде решение за ова и за сите други наметнати обврски кои можат да влијаат на нашата конкурентност, вели Азески.
Што се однесува до извозот со Косово, тој смета дека треба да се надминат проблемите кои постојат на граничните премини, бидејќи ние имаме сателитско следење на сите камиони и нема потреба тие да чекаат на границите. – Треба да го раздвижиме проток на идеи, луѓе и стоки и да ги оставиме настрана тие геополитички стратегии, додава Азески.
Азески информираше и за резултатите од коморскиот инвестиционен форум во Австрија и реше дека Македонија во наредните години од германската, јапонската, австриската влада и од ЕУ може да очекува конкретни средства кои ќе бидат околу 100 милиони евра за поддршка на дуалното образование, извозните активности, институционалниот капацитет, меѓуграничната соработка и едукација за користење на ресурсите на ЕУ.
Тој и честита на „Витаминка” за 60-годишното постоење и рече дека тоа е еден бренд со кој ние се гордееме. – Сакам многу компании со вакви примери. Она што ние сите треба да го знаеме е дека само кадарот може да ги извлече компаниите и затоа треба да го задржиме и да ја оствариме целта која ја имаме повеќе години, а тоа е да излез на надворешните пазари, вели Азески.
Автор на Монографијата „60 години Витаминка”, која беше промовирани вчера во Стопанската комора на Македонија е Тачко Локвенец. (А.С.)