АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна КфВ банка почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија. Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала Битола 2 и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“. Средствата за овие два значајни проекти, во износ од 55 милиони евра, се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии, по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од 5 години.

– Како Влада ја препознаваме потребата од зголемување на производството на зелена енергија и во таа насока е издадената гаранција за реализација на овој Договор, а воедно со тоа и за обезбедување на потребните средства за финансирање на проектот за Ветерниот парк Богданци – фаза 2 и Фотонапонска електрана „Битола 2“. Овие проекти се дел од инвестицискиот циклус којшто го почнуваме и на кој го темелиме нашиот развој во иднина. Владата има сериозен пристап и ќе ги вложи сите напори да се реализираат проектите кои ќе имаат додадена вредност за економијата – рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на потпишувањето на договорот за заем.

Лазо Узунчев, генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ истакна дека КфВ банката е сериозен партнер за зајакнување на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем и дека со овој договор се продолжува трасирањето на патот кон одржливо енергетско сценарио преку реализација на нови проекти од обновливи извори.

ФЕЦ Битола 2 ќе се гради на рекултивирано земјиште во рамките на РЕК „Битола“ и ќе има инсталиран капацитет од најмалку 50 МW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80 – 90 GWh електрична енергија годишно, што е доволно за потребите на над 20 илјади домаќинства. Инвестицијата од 47,3 милиони евра ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно, придонесувајќи за побрза декарбонизација на енергетскиот сектор.

Согласно со проектот за проширување на ветерниот парк „Богданци“ на постојната локација на паркот, кој во моментов е со 16 турбини, со моќност од 36,8 MW, ќе се инсталираат уште четири ветерници со вкупен инсталиран капацитет од 13,6 MW, со што целосно ќе биде заокружен овој ветерен парк со вкупен инсталиран капацитет од околу 50 MW.

ФЕЦ Битола 2 и проширувањето на ветерниот парк „Богданци“ се дел од долгорочните планови на државата кон зелената енергетска транзиција.