АДСДП: Новата социјална зграда во Струмица е само уште една во низата следни проекти на ваков тип објекти

173

Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката Кристијан Трајковски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски денеска извршија увид во завршената станбена зграда за социјално ранливи категории на граѓани во Струмица.

Директорот на АДСДП, Кристијан Трајковски изјави дека зградата има вкупна површина од 1800 метри квадратни со 41 стан и ги задоволува сите енергетски стандарди . „Ги превземавме сите потребни чекори што побрзо да се изврши техничкиот прием на објектот, за истиот да може да биде доделен од страна на надлежните министерства’’, посочи Трајковски.

Министерот Сугарески најави дека во текот на следната недела Министерството за транспорт и врски ќе распише јавен повик за распределба на 37 станови , а 4 стана се доделени на Министерството за труд и социјална политика кои ќе бидат поделени на најранливите категории граѓани.Согласно критериумите, на јавниот повик ќе можат да се јават само социјално загрозени лица и тоа: Деца без родители, корисници на социјална помош, лица погодени од елементарни непогоди, инвалидни лица, самохрани родители со малолетни лица, слепи лица корисници на социјална помош и припадници на Ромската заедница кои се социјално загрозени.

Директорот на АДСДП, Кристијан Трајковски најави дека се во тек повеќе проекти од овој тип. „Очекуваме во многу скоро време да биде ставена во употреба и зградата во Гостивар, а исто така имаме започнато и со постапка за избор на Изведувач на зграда со 312 стана во општина Бутел. Очекуваме на почетокот на фебруари договорот да биде потпишан и да започне изградбата. Паралелно работиме на подготовка за проектирање на вакви згради на 5 локации низ Македонија, а во постапка за избор на изведувач се и проектите за изградба на социјани станови во Пробиштип и Неготино’’- изјави Трајковски.