Адријано објасни зошто живее во фавела и постојано пие алкохол

77

Пензионираниот бразилски фудбалер Адријано (42) одвреме-навреме се појавува на насловните страници на странските таблоиди. Иако во играчките денови беше голема ѕвезда и заработуваше многу пари, како пензионер реши да се врати во родниот град Рио де Жанеиро. Живее во сиромашната населба Вила Крузеиро, но тврди дека одлично му оди. Адријано признава дека е алкохоличар, а некои детали од приватниот живот ги откри во текстот кој го напиша за „Players Tribune“.

„Не се дрогирам, како што некои сакаат да го претстават. Не сум вклучен во никаков криминал. Не сакам да излегувам по клубови. Секогаш одам на истото место во моето маало, а тоа е киоскот Нана. Ако сакаш да ме запознаеш, дојди, јас пијам таму скоро секој ден.

Ме викаа Цар. Можете ли да го замислите тоа? Момчето кое ја напушти фавелата стана цар во Европа. Не знам како да објаснам. Очигледно некои работи ги направив добро. Многу луѓе не разбираат зошто ја оставив славата за да седам во моето старо маало и да се опијам. Тоа е одлука која тешко се менува.

Кога отидов во Интер, бев сам во мојот стан за Божиќ. Во Италија е навистина депресивно кога доаѓаат студените месеци. Надвор се е влажно и многу студено, а ноќта брзо паѓа. Бев отсечен и се чувствував како срање. За среќа, Кларенс Сидорф беше одличен пријател. Тој и неговата сопруга направија вечера за сите нивни блиски пријатели и ме поканија и мене.

Имаше многу елегантни прослави, требаше да го видите тоа. Но, јас сакав да бидам во Рио. Ќе си заминев дома рано од куќата на Сидорф и веднаш ќе ги повикав мајка ми и моето семејство дома да им честитам Божиќ. Слушнав тапани во позадина и веднаш почнав да плачам. Бев многу тажен, грабнав шише вотка и го испив сам.

Но знаев дека сум во Милан со причина. Бог ми даде можност да го подобрам животот на моето семејство. Во еден момент побегнав од Интер и дојдов овде. Мислеа дека сум киднапиран, но знаете дека никој не може да ми наштети овде во фавелата.

Не издржав повеќе да живеам во Италија, каде камерите постојано ме снимаа и ме следеа. Не сум тука поради алкохол, жени или дрога. Тука сум затоа што сум слободен. Сакам повторно да живеам и да бидам човек. Сакам мир. Тоа е вистината. Сакав да ги исполнам желбите на сите. Се обидов под водство на Роберто Манчини и Жозе Мурињо, плачев на рамото на Морати, но не можев да направам се што сакаа да направам.

Сите ме критикуваа многу. Се што сакав беше да си одам дома. Дали е тоа навистина погрешно? Овде шетам бос и без кошула, играм домино и седам на тротоарот, слушам музика и танцувам со моите пријатели. И го гледам татко ми во секоја од овие улици.

Јас дури и не носам жени овде. Затоа секогаш се враќам таму, каде што секогаш ме почитуваат и каде научив што е заедница. Вила Крузеиро не е најдоброто место на светот, но тоа е моето место, напиша Адријано.

ИЗДВОЕНИ