Адреналински авантури, параглајдинг, јавање коњ и многу забава на When in Krusevo

611

Од утре до недела во Крушево ќе се одржи манифестацијата When in Krusevo која ќе содржи високо адреналински авантури, незаборавна забава во природните убавини и чистиот воздух на крушевската околина.

Станува збор за возбудливи параглајдер летови, нови рути на адреналински МТБ тури и незаборавни планинарски авантури во недопрената крушевска природа, кајакарење и уште многу други спортски активности. Настанот е во организација на Outdoor Manifest.

Настанот започнува денеска во 16 часот со пристигнување на учесниците, нивно пријавување и подигање на учесничкиот пакет во зградата на градскиот пазар, во центарот на Крушево, каде што е канцеларијата на Adventure Krusevo.

Потоа ќе се поставуваат камповите, во кампинг зоната кај Крушевското езеро. Фестивалот ќе се отвори во 21 часот на игралиштето за мал фудбал, во близина на Крушевското езеро. Во 22 часот свои концерти ќе имаат DJ Бапчу, Invictus, Natty Fiyah SS.

В сабота во 9.30 часот ќе почнат планинарските и велосипедските тури. Од општина Крушево информираат дека секоја тура е обезбедена со водичи, а ќе бидат поставени и пунктови за вода и за освежување. Обезбедено е и амбулантско возило во случај на несакани ситуации.

Во периодот од 14 до 16 часот е заедничкиот ручек за сите пријавени учесници во ресторанот на одморалиштето „Бегова Корија“ (поранешно „Шула Мина“), а во периодот од 16 до 20 часот се кајак и SUP турите низ Крушевското Езеро, и тоа по повластени цени за сите учесници.

Од 16 до 18 часот покрај Крушевското езеро ќе се одржат извиднички часови за деца, јавање коњи и часови по Јога, а во 22 часот се концертите на The Hounds i na DJ Todoroff.

Последниот ден, в недела, терминот од 10 до 16 часот е резервиран за тандем параглајдингот на Мечкин Камен и тоа по повластени цени за сите учесници, во истиот период се кајак и SUP турите, како и јавањето коњи покрај езерото.

Во периодот од 10 до 18 часот се музејските тури, со вклучени карти за три музеи за секој учесник. Од 13 до 17 часот е денската журка со диџеи во градскиот парк во центарот на Крушево, а од 12 до 17 часот е дегустација на локална храна и специјалитети во организација на „Крушевска жена“, исто така во градскиот парк.

Забавата во градскиот парк ќе биде дополнета со акустичниот концерт од 14 до 18 часот, и од 21 до 23 часот е филмската проекција „Сенки“ на Милчо Манчевски на плоштадот „Никола Мартиноски“, во центарот на Крушево.