Централното општинско основно училиште „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци и двете подрачни училишта во селата Мршевци и Текија во Општина Илинден добија донација од „Окта“, агрегат за струја, што ќе овозможи непречено одвивање на наставата во услови на прекин на електричната енергија. Покрај тоа, компанијата им подари на учениците и новогодишни пакетчиња.
– Остануваме посветени на нашата заложба да даваме континуирана поддршка во образованието и развојот на идните генерации, преку подобрување на нивните услови за учење. Во текот на овие празници, ги израдувавме дечињата со новогодишни пакетчиња, додека со донацијата на агрегатот за струја веруваме дека ќе овозможиме континуитет во спроведувањето на наставата, што претставува предизвик особено во зимските месеци – изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност во „Окта“.
Оваа предновогодишна донација е дел од континуираните општествено одговорни активности на компанијата насочени кон образованието и унапредувањето на условите за учениците во локалната заедница, кои оваа година вклучија донација на две фотоволтаични централи во училишта во Велес и во Гевгелија, донација на фотоволтаични сообраќајни знаци во близина на училиштата во Центар и спроведување кампања за сообраќајна едукација на најмладите, како дел од платформата на „Окта“ – „Јас внимавам“.
Директорот на централното основно училиште „Браќа Миладиновци“, Дарко Петковски, истакна дека оваа донација значително ќе го подобри функционирањето на училиштето, особено во услови кога е неопходна дополнителна енергетска сигурност.
– Пакетчињата им донесоа голема радост на нашите најмлади ученици, кои секогаш му се радуваат на ова убаво празнично изненадување – рече Петковски.