По отвореното писмо во кое се вели дека раководството на Фестивалот „Браќа Манаки“ и неговите соработници се под огромен притисок, а опомените пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица, станаа секојдневие, од Министерството за култура посочуваат дека Владата наскоро ќе именува нов в.д. директор на Агенцијата за филм по оставката на досегашната в.д. директорка. Со ова, велат од Министерството, ќе се обезбеди непречено продолжување на дејноста за која е надлежна оваа институција, а средствата ќе бидат исплатени до крајот на годината
„Владата наскоро ќе именува нов в.д. директор на Агенцијата за филм по оставката на досегашната в.д. директорка, со што ќе се обезбеди непречено продолжување на дејноста за која е надлежна оваа институција. Според информациите од Агенцијата за филм, со кои располага Министерството за култура и туризам, отворените прашања што ја забавија исплатата на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, очекуваме во кус рок да бидат надминати, и средствата што се доделени на фестивалот да бидат исплатени до крајот на годината“, одговорија од Министерството за култура и туризам на прашањето на весникот ВЕЧЕР како ќе се реши повеќемесечната агонија на ангажираните на ИФФК „Браќа Манаки“, кои завчера упатија отворено писмо до надлежните институции од кои побараа да се реши проблемот.
Оттаму во писмото упатено до Министерство за култура и туризам, Владата и Управниот одбор на Агенцијата за филм меѓу другото посочуваат:
„Поминаа повеќе од два месеца откако заврши јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера ‘Браќа Манаки’, кој се реализираше без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот. Раководството на Фестивалот и неговите соработници се под огромен притисок, а опомените пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица, за жал, станаа секојдневие“.
Од Фестивалот истакнуваат дека јубилејното 45. издание на „Браќа Манаки“ беше едно од најуспешните досега, посетено од врвни имиња, лауреати, оскаровци.
„За жал, како резултат на агонијата која ја трпиме овие неколку месеци поради неисплаќање на обврските од страна на Агенцијата за филм, не можеме ниту да се израдуваме на сопствените успеси. Би сакале да истакнеме дека Фестивалот уредно ги има доставено сите претходни извештаи и каква било правна пречка за вакво самоволие апсолутно не постои. До овој момент, Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот. Надворешните соработници, иако свесни дека Фестивалот нема никаква вина за неисплаќањето, единствено решение гледаат во опомени и тужби“, се вели во писмото.
Ангажираните лица додаваат дека се соочуваат со притисокот од елементарна егзистенција, бидејќи како што додаваат има и такви кои комплетно живеат од проектите на кои вредно и посветено работат, а се исплаќаат исклучиво од Агенцијата за филм. Тие додаваат: „Голем број од нас, филмски работници, не земаме плата на секој први во месецот, немаме здравствено и пензиско осигурување. Ние и нашите семејства живееме од овие средства… “.
Инаку, в. д. директорката на Агенцијата за филм, Даниела Станковска-Плачковска, која на оваа функција беше назначена од Владата на 31 јули годинава, неодамна поднесе оставка која беше прифатена. Станковска-Плачковска, која е дипломиран политиколог и магистер по културологија и од 2008 вработена во Агенцијата за филм, каде што раководеше со Секторот за развој на филмската дејност, беше назначена по оставката на Владимир Ангелов. Ангелов кој претходно беше директор на Кинотеката, на функцијата во Агенцијата за филм се задржа околу шест месеци. Тој на чело на Агенцијата за филм дојде во февруари годинава, по седумгодишното директорување со Кинотека на Македонија, односно, откако техничката Влада го разреши долгогодишниот директор Бојан Лазаревски. Инаку, на адреса на Агенција за филм изминатите години имаше повеќе забелешки за наводно незаконско работење, но досега не се преземени мерки за расчистување на состојбите.
Мони Дамевски: Хонорарците со право си ги бараат парите
„Повеќето од овие луѓе живеат од својата хонорарна работа, со право си ги бараат заработените пари и го разбираме и го почитуваме нивниот напор да ни помогнат да ги разрешиме финансиските проблеми на фестивалот. Но, за волја на вистината, мораме да истакнеме дека писмото не потекнува од ИФФК „Браќа Манаки“, туку од споменатата група на хонорарни соработници, луѓе без кои фестивалот немаше да биде толку успешен и за што сме им бескрајно благодарни“, истакна директорот на „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски, по повод отворено писмо од поголема група хонорарни соработници на ИФФК „Браќа Манаки“. Дамевски додаде и дека разбираат дека наследените проблеми не се решаваат преку ноќ, но и дека членовите на фестивалскиот тим треба да си ги добијат средствата. (Д.Т.)