Автопатот Миладиновци-Штип е готов, чека технички прием

78

Автопатот Миладиновци-Штип е целосно изграден, а по него ќе може да се вози кон крајот на месецов, откако ќе се изврши техничкиот прием.

– Автопатот Миладиновци-Штип е завршен. Се подготвува техничката документација за техничкиот прием. Тоа е во делот на надзорот каде што ние не сме моќни. Поради снежните врнежи можеби деновиве некои контроли што треба да ги прават малку ќе бидат оневозможени, но очекувам до крајот на месецов автопатот да биде пуштен, вели директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Изградбата на автопатот во должина од 47 километри почна во мај 2014 година. Дел од него, од Штип до клучката Кадрифаково, веќе се користи со привремен режим на сообраќај.

Инвестицијата е вредна 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската Ексим банка и од буџетот на ЈП за државни патишта.