На пазарот на благородни метали се случи промена на врвот. По силниот раст во изминатите месеци цената на паладиумот за прв пат по 16 години ја надмина цената на златото.
Паладиумот, покрај златото, среброто и платината е еден од благородните метали со широка примена во стопанството, а најбаран е во автоиндустријата, пишува порталот Пословни.хр. Околу 80 отсто од производството на паладиум завршува во уредите за контрола на гасовите што ги испуштаат автомобилите, каде се користи како катализатор за претворање на отровните гасови во помалку штетен јаглерод диоксид и во водена пареа.
Се користи и во електрониката, стоматологијата и изработката на накит. Според достапните податоци во текот на минатата година од рудниците во светот извадени се само 208 тони паладиум. Дури 80 проценти од залихите доаѓаат од Русија и Јужна Африка, додека остатокот на значителните залихи на овој благороден метал се наоѓа во Канада, САД и Зимбабве. Паладиумот главно се добива како секундарен производ при експлоатација на платина и никел.
Главна причина за силниот раст на цената на паладиумот е зголемената побарувачка предизвикана од актуелните промени во автоиндустријата. Бидејќи паладиумските катализатори се користат кај бензинците кои во моментов се побарани од дизелашите поради аферата со фалсификување на показателите за загадувањето од дизел моторите, дојде до силен раст на побарувачката на овој благороден метал.
Пред крајот на минатата година цената на унца паладиум достигна 1.277 долари надминувајќи ја цената на златото во последните 16 години. Поедини аналитичари сметаат дека поради хроничниот недостаток на понуда годинава цената може да достигне до 2.000 долари. Меѓутоа, постојат бројни фактори кои влијаат на пазарот. Некои аналитичари сметаат дека инвестициските фондови ја надувале цената купувајќи големи количини паладиум по пат на термински договори. Постојат и верувања дека Кина како најголем купувач во автомобилскиот сектор веќе подолго време создава залихи на паладиум и така вештачки ја подига цената.
Растот на цената може да го запре употребата на заменски материјали. Освен паладиум, за производство на катализатори се користи и платина, која оваа година бележи пад на цената. Така, сега се очекува раст на побарувачката на платина, која во моментов е поповолен избор од паладиумот.
Поради сево ова, пишува Пословни.хр, многу е тешко да се прогнозира движењето на цената, ама не само на паладиумот. И други благородни метали кои во мали количества се користат во автоиндустријата имаат историја на нагли скокови на цената кога побарувачката ја надминува понудата. Така на пример, во десетлетието по 1998-та цената на платината пораснала за над 500 проценти бидејќи намалената понуда го привлекла вниманието на шпекулативните купувачи. Родиумот поскапе повеќе од 4.000 насто во истиот период, пред производителите да најдат начин да ја намалат неговата употреба.
Долгорочно, побарувачката на паладиум во автоиндустријата ќе опаѓа со развојот на електрификацијата, бидејќи електричните автомобили немаат испусни цевки и не користат паладиум. Сепак, повеќето аналитичари очекуваат дека електрификацијата во автоиндустријата ќе потрее долга низа години. Во меѓувреме, употребата на паладиум во хибридните возила исто така е се поголем извор на побарувачка.