Автобусите на „Макекспрес“ останаа паркирани, нема пари за гориво

178

И додека Градот Скопје успеа да реши еден проблем со јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се јавува друг, со приватните превозници. Автобусите на приватното претпријатие „Макекспрес“, како што беше најавено од раководството, вчера останаа паркирани бидејќи нема пари за гориво.

– За една смена за гориво во автобус се потребни 4.000 денари, додека за две 8.000 денари. Од каде ќе најдат толку средства возачите. Не е дека не сакаме да возиме, туку дека не можеме – дециден е Милорад Димитријевски, еден од сопствениците на ова претпријатие.

Тие бараат средба со градоначалничката Данела Арсовска и претставници на ЈСП бидејќи оттаму треба да им бидат исплатени пари за извршената работа по изминат километар.

– Поднесовме барање и во четвртокот и во петокот за средба со градоначалничката Арсовска и со претставници од ЈСП. Но, досега никој не не контактираше. Автобусите нема да сообраќаат се додека не се договориме со Град Скопје и со ЈСП и не изнајдеме решение кое ќе биде соодветно и за нас и за нив – нагласи Димитријевски.

Слушнал, но не можеше да потврди дека ЈСП со свои автобуси ги покрива линиите 19 и 20. Градот, односно ЈСП му должат на „Макекспрес“, 30 милиони денари, од кои 8,5 милиони денари за август, 12 милиони денари за септември и четири аванса за октомври.

– Оваа состојба се влече цела година. Се што имавме внатрешни резерви се потрошија – заклучи Димитријевски.

Инаку, автобусите на „Макекспрес“ возат на линиите 19, 20, 22, 52 и 54, а располагаат со вкупно 77 автобуси.

Од ЈСП велат дека вклучуваат свои возила на линиите кои ги опслужува  „Макекспрес“, односно  скопјани нема да останат без превоз на линиите кои ги „должи“ посочениот приватен превозник.

Директорот на приватното претпријатие за превоз „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вели дека тие нормално функционираат, бидејќи на средбата со претставници од Град Скопје имале устен договор кој според него во најголема мера се почитувал.

– Имавме средба со претставници од Град Скопје и со директорот на ЈСП на која договоривме некаква динамика која во голема мера се почитува. Очекуваме неделава поголема исплата. Имаме разбирање дека и Град Скопје има финансиски проблеми. Очекуваме до Нова година долгот да се расчисти или да биде сведен на минимален износ – објасни Јовановски.  

(А.П.)