Австрискиот претседател ни ја разбира фрустрацијата, но ни порача за Уставот да не драматизираме!

Слична реторика како неговите колеги од Берлин и Брисел имаше денеска во Скопје и австрискиот претседател Алексанадар Ван дер Белен. Тој порача да не ја губиме целта од вид и да ги направиме уставните измени. Ван дер Белен рече дека ја разбира фрустрацијата кај македонските граѓани, но смета дека не треба да драматизираме и да не губиме време, туку да се направат уставните измени за да продолжат преговорите со Европската Унија. Претходно шефот на европската дипломатија Жозеп Борел нè убедуваше дека ова е најдобрата зделка што можеме да ја добиеме, а германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер во ноември лани ни порача да не скршнуваме на последните метри од ЕУ. И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во два наврата во Скопје, во јули и октомври нè убедуваше дека земјава треба да го промени Уставот

452

Уставните измени отворено го заземаа најприоритетното место во агендата на странските дипломати кои доаѓаат во земјава да испратат порака дека Македонија мора да го промени Уставот ако сака да продолжи на патот кон Европската Унија. По пораките на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел од пред две недели дека ова е најдобрата зделка што можеме да ја добиеме, а претходно на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер од ноември лани да не скршнуваме на последните метри од ЕУ, како и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во два наврата во Скопје, во јули и октомври нè убедуваше дека земјава треба да го промени Уставот, денеска и австрискиот претседател Алексанадар Ван дер Белен со слична реторика – да не ја губиме целта од вид и да ги направиме уставните измени. Ван дер Белен рече дека ја разбира фрустрацијата кај македонските граѓани, но порачува да не драматизираме и да не губиме време, туку да се направат уставните измени за да продолжат преговорите со Европската Унија. Тој нагласи дека земјава со Охрискиот рамковен договор е пример во регионот во однос на етнички и религиски соживот, а за да продолжи процесот на проширување неопходно е да се промени Уставот.

Австрискиот претседател гледа драма во уставните измени

-Знаеме дека вашиот пат кон ЕУ е тежок, дека фрустрацијата за времетраењето на процесот е разбирлива, но ве молиме немој да ја изгубите целта од вид. Хрватска покажа дека приемот е можен кога сите значајни политички сили влечат во ист правец. Да работиме заедно за скорешен прием на Северна Македонија. Јас можам да гарантирам дека Австија и во иднина ќе ви стои на располагање како сигурен партнер. Вие сте на вистинскиот пат и Австрија целосно ќе ве поддржува во тоа. Убедени сме дека ќе успеете да ја направите промената на Уставот и да продолжите по својот пат кон ЕУ, изјави австрискиот претседател Алексанадар Ван дер Белен на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин, шефот на државата Стево Пендаровски.

Австрискиот претседател најави дека во својот говор во македонското Собрание ќе ги замоли сите пратенички групи да размислат што се става на ризик ако не ги поддржат измените, но рече дека нема да ги убедува ВМРО-ДПМНЕ, затоа што не би сакал „премногу да се изјаснува за внатрешно-политички прашања“.

 – Да не се драматизира овој чекор, вели Белен.

Разговор со опозицијата е единствениот пат

Претседателот Стево Пендаровски порача дека нема да пропадне Македонија, ако малкубројната бугарска етничка заеница влезе во Уставот. Тој е убеден дека внесување на Бугарите во нашиот Устав е бенингна промена и на ниеден начин не ја загрозува македонската сувереност, независност, ниту европскиот пат. Пендаровски предупреди дека ако не се постигне потребното мнозинство до крајот на ноември оваа година, ќе бидеме повторно блокирани овојпат со сопствена одлука на патот кон ЕУ.  Во врска со формирањето на експертска група за изготвување на уставни амандмани и дали, ако ВМРО-ДПМНЕ одбие учество со свои членови, тој ќе предложи свои членови и ќе повика на лидерска средба, Пендаровски рече дека работната група која треба да ги подготви уставните измени треба да ја иницира и да ја состави технички формално Министерството за правда, а ќе има и претставник од неговиот кабинет, кој ќе го предложи. Очекува тоа да се случи веќе оваа или другата недела.

-Ако опозицијата реши да не учествува ни во работната група која ќе биде допрва формирана од Министерството за правда ниту во Комисијата за уставни прашања во Парламентот, значи ни на експертско ни на политичко ниво, како што досега се нивните јавни изјави, јасно е дека и јас да се понудам да ја организирам таа дебата, тие повторно нема да учествуваат. Мислам дека грешат. Ги повикувам да ги кажат своите аргументи. И јас мислам дека таа дебата би требало да биде пренесувана директно, во живо за македонската јавност затоа што  да ги соочите аргументите на двете страни, претпоставувам дека и тие ги имаат, ќе видите дека зборуваме за работи кои пред 22  години веќе сме ги направиле. Ако додадеме три или четири народи кои живеат тука, независно од таа бројка, знаете бугарското малцинство е околу 3,5 илјади во Македонија. Сигурно нема државата да пропадне, рече Пендаровски.

Според него, оние кои мислат дека европската преговарачка рамка, која беше усвоена лани во Парламентот, не е добра и дека кога тие би биле во позиција да преговараат, би направиле подобра преговарачка рамка, не знаат како функционираат механизмите во рамките на ЕУ, затоа што нема да има шанса одново да се преговара една работа која е договорена со 27 земји членки на ЕУ. Прашан дали се можни нови барања на нашиот европски пат, Пендаровски вели дека се надева дека такви работи нема да се случуваат, затоа што кредибилитетот на ЕУ беше драстично нарушен. Македонскиот претседател потсети дека нашето референдумско прашање беше дали да се додаде Северна во името за да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ. (В.С.Н.)