Австралија наскоро ќе стане дом на највисоката дрвена градба на светот

586
Фото:Гранд девелопмент

Западна Австралија наскоро би можела да биде дом на највисоката дрвена градба на светот, „хибридна“ кула висока 191,2 метри, изградена од цврсто дрво.

Облакодерот, во моментов наречен C6 Building, би бил речиси двојно повисок од моменталната највисока хибридна зграда од дрво-бетон во светот, Ascent Tower во Милвоки, Висконсин, која има 25 ката или 86 метри, пишува Си-Ен-Ен.

Проектантите велат дека 42% од предложената кула ќе бидат изградени од дрво, со столбови и армирано-бетонско јадро.

Кулата C6 ќе комбинира ламинирани дрвени греди со челичен егзоскелет за поддршка на структурата. Според Grange Development, кулата од 50 ката ќе има повеќе од 200 станови. Ќе содржи 7.400 кубни метри дрва од 600 дрвја.

„Не можеме да конкретизираме, ова е наша можност да кажеме дека навистина ни е грижа и за кризата за домување што претстои и за климатската криза за која работиме многу малку како индустрија“, рече директорот на Grange Development, Џејмс Дибл.

Покрај користењето дрво, планот на Grange вклучува и зелени карактеристики како што се градина на покривот, урбана фарма и пристап за жителите до 80 нови целосно електрични Tesla Model 3.

Филип Олдфилд, вонреден професор по архитектура на Универзитетот во Нов Јужен Велс, за Си-Ен-Ен изјави дека смета дека проектот има „силни акредитиви“ во однос на животната средина.

„Обично со челик и бетон градиме високи згради. Цементот е одговорен за 8% од сите емисии на CO2. Значи, со замена на бетонот и челикот со биоматеријал како што е дрвото, влијанието на зградата врз животната средина значително ќе се намали“, рече Олдфилд.

Сепак, тој изрази скептицизам за некои други тврдења на инвеститорот.

„Малку сум поциничен за идејата што ја презентираат, а тоа е дека облакодерот е негативен на јаглерод. Единствениот начин да биде негативен е ако зградата складира повеќе јаглерод во дрвото отколку што се ослободува од други материјали. Можеби е можно, но секогаш ќе биде привремено“.

Сепак, Олдфилд е оптимист за зголемената употреба на дрво во градежништвото.

„Генерално, мислам дека тоа е одличен чекор напред“, рече тој. „Треба многу повеќе од нашите згради да ги градиме од дрво.