На македонските ниви веќе поретко можат да се сретнат „бабините” семиња од кои се произведуваа највкусните локални сорти овошја и зеленчуци, а нивното место го заземаат нови хибридни семиња чии плодови не се вкусни, но се поиздржливи на транспорт и се со подолг рок на траење
Семињата кои се сеат на македонските полиња најчесто се увезени од Грција, Бугарија, Србија, Унгарија, Италија, Франција, па дури и од Америка. Умреа веќе „бабините” семиња од кои се произведуваа највкусните локални сорти овошја и зеленчуци, а нивното место го заземаат нови хибридни семиња чии плодови не се вкусни, но се поиздржливи на транспорт и се со подолг рок на траење. Трговската логика ја уништи традицијата, а со неа и производството на малите производители на овошје и зеленчук кои ги произведуваа највкусните плодови.
Семето за сончогледот, кој е пролетна култура и се почесто се сее на македонските полиња, се увезува од Франција, Хрватска и Унгарија, а семето за пченката се набавува од Земунско поле од кои околу 70 сорти се веќе одомаќинети и од Америка. Покрај тоа што се увезуваат семиња за пченка, сончоглед, пченица и градинарски култури се увезуваат и органски, минерални и кристални ѓубрива и тоа најчесто од соседните земји: Србија, Бугарија, Грција…
Претседателот на Агробизнис комората, Огнен Оровчанец, вели дека во Македонија се применува Европскиот каталог на семиња и затоа може да се набават сите европски семиња.
– На прагот сме на пролетната сеидба, а што и колку ќе се сее зависи од климатските услови и од приходите кои ги даваат одредени култури. Така, на пример, минатата година беше добра за пченката и за сончогледот имаше добри приноси и добри цени. Есента беше лоша бидејќи имаше долг и сушен период и затоа голем дел од нивите останаа непосеани, вели Оровчанец. Една од причините, како што вели тој, што голем дел од нивите се празни е и иселувањето на населението, пред се од руралните средини каде што најголем дел се занимаваат со земјоделство.
Тој додава дека сега веќе не е важно со какво семе ќе се сее, важно е нивите да не останат празни.
Што се однесува до градинарските култура и тука голем дел од семињата се од увоз. Градинарските култури кои се во оранжерии се посеани, а за тие на отворено се уште е рано.
– Во современото земјоделство мора да се користат сите сознанија. Може да се користат увозни ѓубрива и семиња, но важно е да се знае асортиманот. Самото земјоделство е скап процес и мора да се користат современи агротехнички мерки, како и добра механизација, додава Оровчанец.
Земјоделците, барем оние кои професионално се занимаваат со оваа дејност, сметаат дека со примената на увозните семиња се добиваат поголеми количества на овошје и зеленчук, кои се транспортабилни и имаат подолг рок на траење, што во крајна линија е добро како за нив така и за трговците.
Според нив, овошјето и зеленчукот од домашни семиња се поретко го има на полињата бидејќи, од една страна, не траат и не може да се транспортираат, а од друга страна, странските пазари ги бараат овие нови сорти од хибридни семиња. Тие додаваат дека за разлика од порано кога имаше една до две сорти, во последно време има се повеќе сорти кои се актуелни во зависност од тоа во кој период од годината се засадуваат и се одгледуваат. (А.С.)