Ќе јадеме ли и годинава “гумени„ домати и “пластични„ краставици?

248

Хибридните сорти, несоодветните семиња и честите вкрстувања на сортите што не одговараат на нашето поднебје се главни причини за губење на вкусот на квалитетниот македонски зеленчук. Граѓаните се носталгични по традиционалниот македонски домат, велат дека тој одамна не е тоа што беше и оти го изгубил вкусот на вистински македонски домат

Граѓаните во последно време веќе заборавија да прашуваат за потеклото, бидејќи се навикнаа да јадат “гумени” домати и “пластични” краставици, сега прашуваат само за цената. Факт е дека домашниот квалитетен зеленчук веќе одамна го нема на тезгите, а неговото место го заземаа некои нови хибридни сорти и увозни домати, краставици, пиперки…. Затоа, речиси и да немаме избор во однос на тоа каков зеленчук ќе купуваме, само прашање од каде ќе го купиме.
Граѓаните се носталгични по традиционалниот македонски домат, велат дека тој одамна не е тоа што беше и оти го изгубил вкусот на вистински македонски домат. Интересно е што овој проблем во последните години зазема глобални размери. Експертите се согласни дека не само на доматите туку променет е вкусот на целиот зеленчук. Во струмичкото речиси сите садат домати од хибридни семиња. Така сега исто ви се фаќа дали доматите што ќе ги купите на зелените пазари се струмички или пак се увезени од Србија, Косово, па дури и од Турција.
Според земјоделците причината зашто вкусот на македонскиот домат е значително изменет е семето, а експертите го потврдуваат ова и велат дека со увозните семиња кои се користат се добиваат нови сорти кои даваат поголем род, подолго време остануваат свежи и се полесни за транспорт. Покрај тоа што се користат увозни семиња, најчесто бугарско, грчко и италијанско, голем дел од доматите на зелените пазари се увезени, па затоа вкусовите се измешаа и потрошувачите веќе не можат да го препознаат вкусот на вистинскиот македонски домат.
Хибридните сорти, несоодветните семиња и честите вкрстувања на сортите што не одговараат на нашето поднебје се неколкуте причини за губење на вкусот на доматите.
Со тврда зелена внатрешност, најчесто без мирис и соодветен вкус и со дебела лушпа – такви се најчесто доматите во последните неколку години. Убави се за око, но невкусни за јадење. Ретко каде може да се најдат домати, какви што беа некогаш – меки и вкусни.
– Во производството и пласманот на доматите се наметна логиката на трговците дека доматите произведени од хибридни долготрајни семиња, кои издржуваат и до 30 дена во магацин, трговецот ќе ги пласира на пазар кога ќе добие поволна цена. Сето тоа е на сметка на квалитетот, бидејќи овие хибридни домати имаат неквалитетна конзистенција, дебела кора и дрвена маса, велат експертите.
И земјоделците се согласуваат дека доматите што се произведуваат во последно време се невкусни, но се принудени да ги користат семињата што им ги нудат трговците, но и да произведуваат домати какви што се бараат на пазарот.
Според Васе Митушев, земјоделец од село Куклиш, можно е појавата на „дрвениот домат# да е поврзана со климатските промени.
– Според мене, високите температури имаат влијание на доматите. За да се одбранат од високите температури пуштаат бели жили во внатрешноста. Секако, во голема мера влијаат и семињата. Кога ќе се спојат неквалитетно семе и високи температури-производот е „дрвен домат#, рече Васе Митушев, земјоделец и производител на домати од село Куклиш.
Според Ристо Велков, производител на домати од село Василево, „дрвените домати# ги исфрлаат домашните, бидејќи се транспортабилни и имаат подолг рок на траење, што во крајна линија е добро за земјоделците и трговците.
– И во новите семиња има домати што се вкусни, како што се тие од семето “беле#. Некогашното општо прифатено семе, какво што беше „балка”, па и нашиот автохтон домат “јабучарот#, сега се поретко ги има, но тие не траат и не може да се транспортираат. Странските пазари ги бараат „дрвените” домати и затоа тие ги исфрлаат од нивите некогашните сорти, вели Велков.
Додава дека во последно време се актуелни повеќе сорти во зависност од тоа во кој период од годината се засадуваат и се одгледуваат.
Трговците имаат интересно размислување за квалитетот на доматите и за појавата на “дрвените# и невкусни домати.
Според нив, главна причина за одгледување на неквалитетни домати е што на македонскиот пазар се нуди евтино увозно семе за домати. За да ги заштитат домашните сорти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во годинашната програма предвиде поголеми субвенции за сите земјоделци што ќе користат сертифицирани семиња.
Интересни се резултатите од едно истражување, во кое за да се види каде се загуби вкусот на традиционалниот домат, меѓународен тим експерти испитувале речиси 400 вида домати. Земени биле примероци од најмодерната до најстарите традиционални сорти. Притоа, било утврдено дека во потрага да се добие што поотпорна сорта домати се изгубени 13 елементи што влијаат на неговиот специфичен вкус. (А.С.)