Ќе се евидентираат сите печки и оџаци во Центар

80

Во програмата за животна средина на Општина Центар се планира да се евидентираат сите печки и оџаци во Центар. Пред Нова година беше усвоен буџетот на Општина Центар за 2023 година, во кој се прифатија неколку предлози на Шанса за Центар, кои треба да ја придвижат Општината кон активни мерки за подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.

Меѓу нив е и амандманот за спроведување анкета за собирање информации за типовите горива што се користат за згревање на објектите за домување и нивна потрошувачка.

Како што велат од Шанса за Центар, тоа ќе овозможи да се добие поточна информација што сѐ се гори во Општината и да се развие политика за менување на застарените печки со понови или со поефикасни уреди, кои помалку ќе загадуваат.

– Ова е активност што е планирана во општинскиот локален еколошки акциски план, кој досега воопшто не се спроведуваше, а треба понатаму да се надгради во целосен катастар на загадувачи – информираат од Шанса за Центар.