Ќе се градат три колектори од двете страни на Вардар

47

Изградбата на овој колекторски систем е предуслов за изградба на главната пречистителна станица за отпадни води за градот Скопје, чија градба ќе започне во 2020 година, рече министерот Садула Дураки.

Колектор ќе се гради на десниот брег на реката Вардар со должина од 3,4 километри кој ќе почнува од булевар “Србија” во Ново Лисиче и ќе оди Железничкиот мост при што во него ќе се слеваат отпадните води од постојната пумпна станица “Горно Лисиче”. Исто така колектор ќе се гради и на левиот во должина од 4,5 километри кој ќе стартува од точката на моменталното празнење на постојната канализациска мрежа до железничката пруга. Изградба на колектор ќе има и од пумпната станица “Макошпед” до поврзувањето со новиот главен колектор на левиот брег на реката Вардар.

Изградбата на овие три колектори кои се дел од ИПА 2 проектот – Подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадните води во градот Скопје, вчера го најавија министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, евроамбасадорот Самјуел Жбогар, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние и скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

– Со изградбата на колекторите на левиот и десниот брег на реката Вардар, Градот Скопје успешно ќе ги собира урбаните отпадни води со што санитарно-хигиенските услови во централното градско подрачје ќе бидат значително подобрени. Изградбата на овој колекторски систем е предуслов за изградба на главната пречистителна станица за отпадни води за градот Скопје, чија градба ќе започне во 2020 година – изјави Дураки.

За градоначалникот Шилегов испуштањето отпадни води во Вардар, влијае на квалитетот на водата и на живиот свет во неа.

– Со реализација на овој проект ќе овозможиме заштита на реката од загадување преку затворање на неколку испусти на отпадни води што директно се излеваат во Вардар. Овој проект го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, а корисник е Градот Скопје, преку ЈП „Водовод и канализација“. Граѓаните на Скопје по завршување на изградбата конечно ќе добијат пречистителна станица во согласност со европските директиви, а воедно и контрола и третман на водата што се испушта во реката Вардар. Целта на проектот е да се намалат ризиците од загадување и да се подобри севкупната чистота на градот – рече Шилегов.

Градот Скопје работеше на создавање услови за изградба на пречистителна станица, а поддршката од Владата на Република Франција е од исклучителна важност за унапредувањето на животната средина во насока на усвојување на европските стандарди од оваа област.

– Затвораме едно клучно прашање за животната средина. Третманот на отпадните води е наш висок приоритет. Ќе го подигнеме квалитетот на водата во реката Вардар и дополнително ќе придонесеме за заштита на подземните води во Скопската котлина, што се користат за наводнување и за пиење. Оваа градска администрација е посветена на реални капитални проекти, кои се од исклучително значење за здрава и чиста животна средина во Скопје следејќи ги потребите на граѓаните – нагласи Шилегов.

Инвестицијата е финансирана со средства на Европската Унија во износ од над 9 милиони евра и кофинансирана од Буџетот на Р Македонија во висина од 15%, а предвидено е да заврши во февруари 2020 година.