Новогодишната кошничка се подготвува, ќе има значителни намалувања, со цел да се заштити стандардот на граѓаните, најави заменик министерот за економија, Марјан Ристески.
– Се знае дека кошничката е при крај, ќе има повеќе стотина производи, сигурно повеќе од претходната „есенската кошничка“ и мислам дека ќе бидат задоволни граѓаните од производите мои ќе бидат понудени во таа кошничка. Ќе има значителни намалувања коишто ќе бидат позитивна мерка во однос на заштита на стандардот на граѓаните, задржување на стабилност на цените, стабилен процент на инфлацијата којашто засега е на задоволително ниво, рече заменик министерот.
Вакви мерки Владата ќе спроведува и во иднина, дополни Ристески, особено околу празниците, кога е евидентирана најголема потрошувачка. Во оваа кошничка како што соопшти ќе бидат опфатени традиционални производи, храна и пијалаци за празниците, пред и после Нова година. Кошничката е направена со претходна детална поопсежна анализа во која учествувале стопанските комори, синдикатите, организација на заштита на потрошувачите.
– И да најавам дека оваа кошничка ќе биде многу поразлична од претходните во начинот на определување на производите, кажа заменик министерот.
Тој посочи дека во наредниот период, по кошничката во зависност од условите ќе се разгледуваат решенија за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Мерките кои ќе се предложат ќе бидат во насока на стабилизација на цените и подобрување на животниот стандард. Влијание ќе има и општествената одговорност на фирмите, маркетите, увозниците, производителите …