Ќе имаме пченица само за три месеци, после ќе бараме од Србија

Земјоделците велат дека приносите потфрлија поради високите температури во мај и недостатокот од врнежи кои го редуцираше годинашното производство на 2 до 3 тони од хектар. Тоа ни оддалеку не е доволно за рентабилно производство и за задоволување на потребите на државата. Од мелничко-пекарската индустрија велат дека количествата ќе бидат доволни за покривање на потребите на државата само за три месеци

556

Не се остварија очекувањата за поголеми приноси на пченицата и јачменот од годинашната жетва. И покрај тоа жетвата е при крај, сепак е јасно дека нема да имаме доволно пченица за задоволување на домашните потреби и ќе увезуваме од Србија. Земјоделците велат дека приносите потфрлија поради високите температури во мај и недостатокот од врнежи кои го редуцираше годинашното производство на 2 до 3 тони од хектар. Тоа ни оддалеку не е доволно за рентабилно производство и за задоволување на потребите на државата. Од мелничко-пекарската индустрија велат дека количествата ќе бидат доволни за покривање на потребите на државата само за три месеци.

-Светската криза за храна покажа колку е важно домашното производство, особено на житни култури. Но и покрај тоа што годинава се форсираше поголемо производство на пченица, сепак приносите потфрлија и количествата се дури и помали од лани. Владата задоцни со мерките за помош, односно со субвенции за ѓубрива, бидејќи ѓубривата веќе беа качени за 300 отсто во однос на лани. Ако една вреќа од 50 килограми лани чинеше 800 денари, годинава стигна до 3.200 денари, а имавме и проблем со набавката на ѓубриво, вели за ВЕЧЕР, Стеванче Јорданоски, од Националната федерација на фармери.

Земјоделците велат дека скапото ѓубре, скапат нафта и недостигот на работна сила си го направија своето. Моменталната откупна цена е повисока во споредба со лани за 5 односно 6 денари, меѓутоа со двојно и тројно поскапи репроматеријали.

-Откупната цена на пченицата е 18 денари за килограм и е повисока за 70 отсто од лани, но репроматеријалите се зголемени за минимум 200 отсто. Според пресметките, килограм производствена цена на пченицата изнесува 23 денари. Со откупната цена од 18 денари не ги покриваме ни производствените трошоци. Поради моменталната ниска откупна цена што може ќе ја чува во силосите додека не се постигне задоволителна цена, вели Јорданоски.

Од мелничко-пекарската индустрија велат дека приносите на пченица и оваа година потфрлија, а и квалитетот не е на задоволително ниво

 -Со произведените количества годинава ќе се покријат потребите на државата само за три месеци. Освен тоа, квалитетот не е на задоволително ниво и мора да се комбинира со поквалитетна пченица од увоз од Србија за да се добие поквалитетно брашно, вели Горан Малишиќ претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Домашното производство на пченица изнесува од 220 до 230 илјади тони годишно, а државата има потреба од 330 илјади тони, што значи 100 илјади тони помалку кои ќе се покријат од увоз. За разлика од пченицата, земјоделците велат дека сончоглед годинава има посеано околу 60 отсто повеќе од лани, а колкави ќе бидат приносите и колкав дел од домашните потреби ќе бидат задоволени со оваа култура ќе знаеме во септември кога ќе заврши жетвата.

Околу 80 до 90 отсто од годинашната жетва ќе остане во силосите, бидејќи моментално цената од 18 денари на пченицата и 17 денари на јачменот е многу ниска и не ги покрива трошоците. Земјоделците бараат откупната цена на лебното зрно да биде една третина од цента на килограм брашно.

(А.С.)