Во саботата беше направена последна проверка за стабилност за конечно мостот „Беласица“, кој беше опожарен пред една година, да може да се пушти за сообраќај и за товарни возила.
Како што претходно објави весникот ВЕЧЕР, на мостот се правеше втора проверка преку товарење со статички и динамички товар, за што беа поставени шест камиони.
Проверката, како и првиот пат ја правеа од АД ЕСМ и Институтот за сеизмички отворени градби и климатски промени на професорот Михаил Гаревски, кој беше повикан од Град Скопје да ги направи испитувањата на конструкцијата на мостот по опожарувањето.
Мерните екипи ги следеа сите параметри додека на мостот беа паркирани шест натоварени камиони, со вкупна тежина од 208 тони, нешто што во пракса и не се очекува дека може да се случи.
Од Град Скопје велат дека од резултатите ќе зависи дали мостот ќе биде пуштен целосно во употреба, односно сите четири ленти.
– Мостот „Беласица“, од страна на ЕСМ, согласно со вештите наоди се товари со статички и динамички товар со цел мерење на угиби. По завршувањето на мерењата и добивање на извештај од мерењата доколку се задоволени дозволените параметри, мостот ќе се пушти во целосна употреба во сите четири ленти – велат од Град Скопје.
Досегашните мерења се оптимистички и во финалниот извештај кој ќе се испрати до градот Скопје кој треба да ја има конечната одлука најверојатно ќе стои дека мостот е целосно безбеден и нема никакви пречки да биде пуштен во функција.
Потоа останува ЕСМ да ги постави новите топловодни цевки кои веќе подолго време стојат покрај мостот. Инаку, мостот „Беласица“, лани во мај, целосно беше затворен за сообраќај по пожарот кој изби на тополоводните цевки кои спроведуваат топлинска енергија од „Те-То“ кон делови на населбата Аеродром.
По првичните анализи и санации, мостот после неколку месеци беше делумно пуштен во употреба со по една коловозна лента во двата правци, а со најновите мерења се очекува да биде наскоро и целосно во функција.
Досега јавноста не разбра колку е мостот безбеден и зошто целосно не беше пуштен за сообраќај. Граѓаните се револтирани затоа што со месеци трпат огромен метеж.
(С.Бл.)