Јункер: Договорот за Брегзит важи и за следниот британски премиер

74

Договорот за излез на Велика Британија од ЕУ нема да се смени со доаѓањето на нов премиер во Лондон, изјави денеска во Брисел претседателот на Европската комисија во заминување, Жан-Клод Јункер.

Тој нагласи дека ЕУ одбива да преговара за нов договор, а од друга страна кандидатите на Конзервативната партија, кои се во трка за наследник на Тереза Меј, наведуваат дека ќе побараат нов договор.

– Повеќе месеци имам впечаток дека интересот на политичките претставници во Велика Британија бил само како да се замени премиерката Меј, а не како да постигнат договор со Унијата, истакна Јункер.

Според него, не станува збор за договор меѓу Меј и Јункер, туку меѓу Европската унија и Велика Британија.

– Кој да биде избран за иден премиер ќе мора да го почитува овој договор. Нема да има нови преговори, потенцира актуелниот претседател на ЕК.