Во Камерната сала на Македонската филхaрмонија ,на 12 јуни, во 20 часот, ќе се одржи јубилејното 10. издание на „Виолин фест“ – симфонија на младоста, фестивал кој ја слави виолината како инструмент и младите таленти.
„Низ десетте години, ‘Виолин фест’ носеше таленти на виолина од далечните краишта на нашата македонска почва, на која се обединуваа млади виртуози, а нивните жици плетат приказни за страста и соништата кон музиката. Така ќе биде и сега… На ова 10. издание придружете ни се во славењето на безвременскиот танц на гудалото со инструментот, каде што секоја нота го шепоти ветувањето за убава иднина“, велат од „Виолин фест“.
На овој фестивал ќе настапат ученици од музичките училишта од Македонија, од Србија и од Кралскиот колеџ од Лондон.
Во придружба на Марија Вршкова на пијано, младите виолинисти ќе изведат дела на Крајслер, Паганини, Шуплевски, Зографски, Сарасате и други.
Истовремено „Виолин фест“ го одбележува јубилејот 90 години од раѓањето на македонските композитори Драган Шуплевски и Томислав Зографски.
Организатор и уметнички раководител на „Виолин фест“ е еминентниот виолинист и концерт-мајстор на Македонската филхармонија, Владимир Костов, кој посочи дека намерата е на едно место да се презентира талентот на младите виолинисти од цела Македонија, без разлика на нивната возраст.
„Виолин фест“, додава Костов, наедно нуди и отворање на концертната сцена и претставување на младите музичари, за кои музиката е вистински предизвик, пред поширок аудиториум.
„Фестивалот ги обединува успесите на учениците, нивните достигнувања, капацитетот, квалитетот и талентот, претставувајќи го притоа и развојот на педагошката дејност во Македонија“, вели Владимир Костов.
Според него, на младите виолинисти им е потребно најголемо јавно експонирање и затоа е, всушност, создаден овој фестивал. Тој им дава можност на учениците да настапат надвор од своите обврски кон наставната програма, да го покажат својот талент изведувајќи ги најпознатите дела за виолина, без притисок од оценување и бодување.
Како што ќе рече Костов: „Најголема награда за нив е аплаузот“.
Виолин фест е поддржан од Министерство за култура. (Д.Т.)