Јадеме кромид од Албанија, лук од Кина, домати од Грција, грав од Етиопија… а сме земјоделска земја!

Македонија увезува 70 отсто од храната, а нивите остануваат празни. Доказ за ова е потеклото на овошјето и зеленчукот, кои ги купуваме на зелените пазари и во маркетите. Од Србија се снабдуваме со млеко и брашно, од Албанија кромид, краставици, домати од Грција од Кина и од Унгарија со лук, а грав од  Етиопија, Киргистан, Казахстан, Пакистан… Не постои интерес за обработка на земјоделското земјиште. Ниските откупни цени, високите трошоци за производство и иселувањето на младите си го направија своето. Огромни површини државно земјиште не се дадени под концесија. И додека од една страна се зборува за зголемување на производството, за жал, на терен сликата е многу поинаква

1866

Од земјоделска земја и производител на храна станавме увозник на храна и на земјоделски производи. Податоците покажуваат дека Македонија увезува 70 отсто од храната, а нивите остануваат празни. Доказ за ова е потеклото на овошјето и зеленчукот кои ги купуваме на зелените пазари и во маркетите. Од Србија се снабдуваме со млеко и брашно, од Албанија кромид, краставици, домати од Грција од Кина и од Унгарија со лук, а грав од  Етиопија, Киргистан, Казахстан, Пакистан…

Не постои интерес за обработка на земјоделското земјиште. Ниските откупни цени, високите трошоци за производство и иселувањето на младите си го направија своето. Огромни површини државно земјиште не се дадени под концесија. И додека од една страна се зборува за зголемување на производството, за жал, на терен сликата е многу поинаква.

-Високите трошоци за производство и ниските откупни цени со кои се соочуваат земјоделците последните години го намалија производството. Поради тоа, дел од земјоделски култури едноставно исчезнаа од нивите. Еве на пример кромидот пред 2-3 години имавме и за извоз, но ниските цени го уништија и сега го увезуваме од Албанија. Слична е состојбата и со другите земјоделски производи, домати, краставици, пиперки… кои сè помалку ги има по нивите и се почесто ги увезуваме. Така на пример тетовскиот грав одамна го нема по пазарите, а веќе го нема ни во Тетово и го увезуваме од Етиопија, Киргистан, Казахстан, Пакистан… , вели за весникот ВЕЧЕР, Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделци од Струмица.

Жалосно е ова што се случува, порано го обезбедувавме со храна цел Балкан, а сега увезуваме од Албанија, Србија, Грција…Но, како што вели тоа не добро наместо квалитетен зеленчук произведен на нашите ниви, јадеме увезен кој е далеку со послаб квалитет, кој се транспортира по неколку дена и долго стои на пазарите.

– Најголем проблем е откупната цена на земјоделските производи – оризот, јачменот, пченицата, пченката… И покрај тоа што се очекуваше дека поради моменталната состојба со недостигот на храна, откупните цени ќе бидат повисоки, сепак, не се случи тоа. Цените на репроматеријалите се зголемуваат, а откупната цена на оризовата арпа е иста. Површините под ориз се намалени, а многу ниви годинава останаа запустени. Земјоделското производство е значително намалено поради лошата владина политика, вели за ВЕЧЕР Стојче Ташковски од Здружението на оризопроизводители од Кочани.

Според него, за неколку години и производството на ориз може да биде доведено во прашање, бидејќи површините засадени со оваа култура секоја година се намалуваат.

Земјоделците велат дека кај нас има еден парадокс – поскапуваат прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени притоа, најголема штета трпат земјоделците и потрошувачите.

Купувачите велат дека во последно време гравот што се продава на пазарите и во маркетите е од секаде, само не тетовски. Во маркетите може да се најде грав по потекло од Киргистан, Казахстан, Кина, Етиопија…

Гравот „тетовец“ во последниве години сè помалку го има по нивите, земјоделците сè повеќе се откажуваат од гравот поради неисплатливоста и поради тоа што е тежок за работење.

За да се промени ваквата состојба во земјоделството експертите бараат нови политики, односно државата повеќе да му помага на земјоделството. Треба од корен да се смени односот кон земјоделието за да со мерките ги натераме луѓето да инвестираат во земјоделието и да се вратат на нивите.

(А.С.)