Јавниот долг годинава ќе достигна 62,7 отсто од БДП

16

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, изјави дека јавниот долг до крајот на 2024 година се очекува да достигне 62,7 проценти од БДП, според последните пресметки на Министерството за финансии.

Со над осум милијарди евра јавен долг и раст на БДП од еден отсто, Македонија е речиси во рецесија, бидејќи долгот достигнува над 60 отсто од Бруто-домашниот производ. Според критериумите на Светска банка, земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, а кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.

Во оваа 2024 година од задолжување на домашниот пазар се очекува буџетски прилив во износ од 896 милиони евра, а од задолжување во странство скоро 725 милиони евра – и по двата основи има пораст на задолжувањето во однос на претходните буџетски проценки. На врата на јавните финансии „тропаат“ обврските од унгарскиот кредит од 500 милиони евра.

Дел од економистите веќе оценија дека овој нов заем ќе влијае врз должничката позиција на земјава. Како ќе се движи јавниот долг и бруто-надворешниот долг ќе зависи од износот на кредити и заеми што ќе се вратат во следниот период кон домашните и кон странските финансиери. Освен што ќе го земеме унгарскиот заем од 500 милиони евра, во најава е уште едно задолжување, или кај меѓународните финансиери или повторно кај Владата на Унгарија. Целиот овој пакет на задолжувања извесно е дека ќе влијае врз состојбата со задолженоста на државата. И во ребалансираниот Буџет 2024, прв буџетски документ со потпис на новата Влада, се наведува дека јавниот долг, како процент од БДП, ќе порасне.

Кочовска нагласи дека оваа проекција во голема мера зависи од реализацијата на договорените кредити од страна на институциите и акционерските друштва.

„Ако тие не ги повлечат средствата, јавниот долг може да биде и понизок од 62,7 проценти. Ова е проекција врз основа на тековните претпоставки за реализацијата на кредитите,“ рече Димитриеска Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на настанот „Фискалната политика на крстопат: Патот кон стабилност и одржливи јавни финансии,“ во организација на Фискалниот Совет и Finance Think.

Во врска со мерките за контрола на јавниот долг, министерката истакна дека Министерството веќе презема активности за да ги утврди точните обврски на сите институции.
„Секојa институција е обврзана да достави прецизна информација за своите обврски, согласно заклучок од Владата. Во случаи на неусогласености, податоците се враќаат за ревизија. Дополнително, инициравме вонредни ревизии во некои институции за да ги потврдиме пријавените обврски. Овие ревизии ќе помогнат да се расчистат несогласувањата помеѓу официјалните извештаи и коментарите на вработените,“ додаде министерката.