Програмата овој ноември ќе биде празник за сите љубители на филмот, нудејќи уникатно искуство преку кое публиката ќе може да истражи различни култури и естетики и да се сретне со нови македонски автори кои носат свежина и критички пристап во домашната кинематографија, посочуваат од Кинотеката

Филмови од јапонската и шпанската кинематографија ќе ја означат втората половина на ноември во Кинотеката на Македонија. Покрај овие циклуси, програмата ќе ја збогатат и проекции на наслови од нови македонски автори, потоа денот на корејската култура и тематска вечер под наслов „Надреализмот не е мртов“, посветена на надреалистичкото филмско наследство.

-Ноемвриската програма е вистински културен мозаик, збогатен со уникатни филмски искуства и интригантни дискусии, истакнуваат од Кинотеката.

Притоа, на 14 ноември, од 17 часот, публиката ќе може да проследи филм од јужнокорејската кинематографија, во рамки на денот на корејската култура во Кинотеката. Станува збор за играниот „Помеѓу боговите: двата света“ (Along with the Gods: The Two Worlds) фантастичен акционен филм од 2017, во режија на Ким Јонг-хва. Филмот е прв дел од трилогијата базиран на истоимениот веб-серијал на Џо Хо-мин, кој е инспириран од будистичките слики од корејската династија Чосеон и раните будистички текстови за Десетте кралеви на пеколот.

Од 18 до 23 ноември во Кинотеката филмофилите ќе може да ја проследат Неделата на шпански филм која претставува прекрасно патување низ различни епохи на шпанската кинематографија, прикажувајќи класични и современи дела на некои од најпознатите режисери.

-Оваа филмска недела, посветена на шпанскиот филм, ги обединува богатите теми и стилови од 1950-тите, преку револуционерната енергија на 1970-тите, до современите, постмодернистички визии од 2000-тите години. Посебно внимание ќе биде посветено на делата на легендарните Карлос Саура, Алехандро Аменабар и Алекс де ла Иглесија, истакнуваат од Кинотеката.

Карлос Саура, еден од најзначајните автори на шпанската кинематографија, ќе биде претставен со некои од своите најпознати дела од 70-тите години. Станува збор за играниот филм „Змија в пазуви“ (Cría Cuervos) кој публиката ќе може да го види на 18 ноември, од 20 часот. Филмот е добитник на Гран при на Канскиот фестивал во 1976.

„Змија в пазуви“

Вториот е „Лиза, љубов моја“ (Elisa, vida mía) за кој Карлос Саура на Канскиот фестивал во 1977 беше номиниран во категоријата за најдобра режија (19 ноември, 20 часот).

-Саура ги користи филмот и танцот како медиуми за да ги изрази политичките и социјалните конфликти на своето време, истражувајќи ги шпанската историја и култура преку извонредни визуелни прикази и драматични елементи. Неговите дела се длабоко вкоренети во шпанската култура, но истовремено универзално разбирливи, бидејќи ги истражуваат вечните теми на слободата, љубовта и страдањето, додаваат од Кинотеката.

Во рамки на шпанската недела ќе бидат прикажани и филмови на Алехандро Аменабар и Алекс де ла Иглесија, едни од најталентираните современи шпански режисери. „Внатрешно море“ (Mar Adentro) на Аменабар ќе може да се види на 20 ноември, од 20 часот. Ова е длабоко емотивен и трогателен филм, базиран на вистинската приказна за Рамон Сампедро, човек кој води долгогодишна битка за правото на евтаназија. На 21 ноември, од 20 часот, пак е „Смртта на велосипедистот“ (Muerte de un ciclista) во режија на Хуан Антонио Бардем каде маж и жена кои се во тајна љубовна афера удираат со автомобилот во велосипедист и не му пружаат помош. На 23 ноември, во 20 часот на програмата е „Ферпектно злосторство“ (Crimen Ferpecto) од 2004 во режија на Алекс де ла Иглесиа – мрачно-комичен трилер кој ги истражува границите на амбицијата, суетата и човечката слабост.

„Враќањето на Даимаџин“

Циклусот на јапонски филмови, пак, публиката во рамки на ноемвриската програма ќе може да го проследи од 25 до 29 ноември. Станува збор за играните филмови „Враќањето на Даимаџин“ (The Return Of Majin) во режија на Кенџи Мисуми, „Train brain express“ (Train Brain Express) на режисерот Јошимицу Морита, „Уште не сосема мртов“ (Not quite dead yet) на Шинџи Хамасаки, „Браќата Мамија“ (The Mamiya Brothers) на Јошимицу Морита и „Сто лаги“ (We make antiques!) на Масахари Таке.

-Изборот ја прикажува уникатната визуелна и наративна филозофија на јапонскиот филм, каде што темите на чест, љубов, и традиција се интерпретираат на стилски и внатрешно богати начини. Покрај познатите и очекувани самурајски приказни, публиката ќе има шанса да доживее и поинтимни, драмски ориентирани филмови, каде човечките врски се во фокусот, посочуваат од Кинотека.

„Љубовната соба“

Покрај интернационалните циклуси, Кинотеката овој месец ќе прикаже и македонски остварувања, документарците „Љубовната соба“ (Love Room) на Сузана Диневски (16 ноември, 20 часот) и „Македонецот“ (The Macedonian) во режија на Петро Алексовски од Полска (на 21 ноември од 17 часот), како и играните „Убиј ги прво децата“ (Kill the Children first) на Димитар Оровчанец (26 и 27 ноември, од 18 часот) и „Бизнисот на задоволството“ (The business of pleasure) на Гоце Цветановски (на 29 и 30 неомври, од 18 часот).

Посебната вечер посветена на надреализмот (30 ноември, 20 часот) ќе вклучува проекции на антологиски надреалистички филмови и панел-дискусија на оваа тема. Оваа програма има за цел да го врати вниманието кон магијата и визијата на надреализмот, истражувајќи го преку класични дела како оние на Луис Буњуел и Салвадор Дали, кои ги поместуваат границите на реалноста и ги истражуваат подсвесните аспекти на човековото искуство.

Програмата овој ноември ќе биде празник за сите љубители на филмот, нудејќи уникатно искуство преку кое публиката ќе може да истражи различни култури и естетики и да се сретне со нови македонски автори кои носат свежина и критички пристап во домашната кинематографија, додаваат од Кинотеката.

Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотека. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ