Шилегов највеликодушен градоначалник, потроши 260.000 евра за новогодишни украси

127

За пречекот на Новата година, Град Скопје и 26 општини низ земјава потрошиле 615.000 евра што е за 30% повеќе од минатата година. Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажала дека околу 55 отсто од овие пари се потрошени во Скопје и тоа за новогодишно украсување на општините Карпош, Аеродром, Чаир, Гази Баба, Бутел и Шуто Оризари, а само Град Скопје за оваа намена потрошил 260.000 евра, што е за 33 насто повеќе од минатата година

Новогодишното украсување за пречекот на 2019 година, касите на Град Скопје и на 26 општини низ земјава ги олесниле за околу 615.000 евра, што е за 30 проценти повеќе од претходната година. Анализата на Центарот за граѓански комуникации покажала дека околу 55 отсто од овие пари се потрошени во Скопје и тоа за новогодишно украсување на општините Карпош, Аеродром, Чаир, Гази Баба, Бутел и Шуто Оризари, а само Град Скопје за оваа намена потрошил 260.000 евра, што е за 33 насто повеќе од минатата година.

– За разлика од 2018 година кога улиците и плоштадите за Новата година ги краселе Град Скопје и 18 општини во вкупна вредност од 474.219 евра, за дочекот на 2019 година тендери за украсување спровеле 26 општини и Град Скопје – се вели во анализата.

Огласот за јавна набавка Градот Скопје го имаше објавено на крајот од септември и на него традиционално беше добиена една понуда. Договорот е склучен со неколкугодишниот носител на оваа набавка кај градските власти, фирмата “Линк Медиа Плус” од Скопје.

– Најголем дел од парите завршиле кај скопската фирма „Линк Медиа Плус“, што за два склучени договори со Град Скопје и со општина Струмица добила над 300.000 евра. Најмногу договори, дури 11 во вкупна вредност од 185.000 евра, биле склучени со фирмата „Метал-Вет-Ел“ од Скопје. Договори со „Метал-Вет-Ел“ склучиле општините Аеродром, Охрид, Куманово, Чаир, Радовиш и Гевгелија – е наведено во анализата.

По Градот Скопје, вредносно најголемиот договор го има склучено општина Струмица и тоа со истата фирма “Линк Медиа Плус” во вредност од 40.000 евра. На трето место по големината на договорот е општина Аеродром каде вредноста со пресметан ДДВ изнесува 31.000 евра и носител на договорот е скопската фирма “Метал-Вет-Ел”. Истата фирма е носител и на четвртиот по големина договор за новогодишно украсување и тоа на општина Охрид во вредност од 30.000 евра. На петто место е договорот за украсување на Кавадарци, а носител на овој договор е скопската фирма “Хонор” во вредност од 24.000 евра.

Во групата на тендери за набавка на услугата за новогодишно украсување чија вредност со ДДВ е над 20.000 евра се и тендерите за украсување на општините Чаир и Куманово. Договорот за украсување на општина Чаир е склучен со истата фирма “Метал-Вет-Ел”. Сите останати договори за јавни набавки се со вредност пониска од 20.000 евра. Најмалиот договор за јавна набавка на украсување се очекува да го склучи општина Виница и тоа со фирмата “Флорис” од Кочани во вредност од 1.919 евра со ДДВ.

Центарот за граѓански комуникации за пресметка на трошењата на општините за новогодишно украсување, податоците ги добиле од Електронскиот систем за јавни набавки.
(С.Бл.)