ВИСТИНИТО: Да пееш на “Евровизија” не мора да си државјанин на својата татковина!

18

Меѓународниот Евровизиски фестивал кој и овој месец мај ја разбранува музичката јавност, и не само музичка туку и политичка (на фестивалот има и доста политички заткулисни игри) ширум целиот свет, со оглед на тоа дека учествува и далечната Австралија, познат е и по некои свои чудни, непишани правила. Иако некогаш на почетоците на фестивалот беше забрането да се пее на туѓ јазик освен на својот мајчин, денес тоа веќе не важи, па скоро сите пеат на англиски, меѓу кои и Русите што е своевиден парадокс. Како поминуваа годините така и се свикнавме учесниците да ги слушаме на англиски или евентуално, но ретко кога на француски или италијански и српски. Со тоа “Евровизија“ изгуби пред сè на својата препознатливост. Но, поголема работа за чудење е тоа што за својот претставник некои држави знаат да одберат и пејач кој не потекнува од нивната татковина, туку се туѓи државјани. Организаторите во тоа не се мешаат, па земјата учесник има право да испрати кого сака.

Светол пример за тоа е денес многу популарната пејачка од Канада Селин Дион, која на “Евровизија“ во 1988 година победи како претставничка на Швајцарија. И сите беа пријатно изненадени иако во правилникот на “Евровизија“ не постои апсолутно никаква забрана да мора да си државјанин на земјата за која пееш. Селин убедливо победи и стана планетарно популарна. Многу години пред Селин како претставничка на Луксембург(земја која има многу победи) во 1972 година на натпреварот во Единбург настапи Гркинката Вики Леандрос. И триумфално победи со прекрасниот поп-шлагер “После тебе“.

Песната стана голем хит, доживеа над стотици други верзии со други пејачи, па ја имавме во тоа време и кај нас во Македонија на македонски јазик во интерпретација на познатата Блага Петреска. Во далечната 1966 година како претставничка на Кнежеството Монако на евровизската сцена и пред 100-милионскиот ТВ-аудиториум пееше тогашната Југословенка, популарната Тереза Кесовија. Настапи со песната “Уште многу посилна“, а нејзиниот настап и денес се прераскажува низ евровизиските кругови. Славната дубровчанка тие години беше на врвот на популарноста со хитот “Песната на Лара“ (од филмскиот спектакл “Доктор Живаго“) со што принцот Рение, а особено неговата сопруга, убавата филмска легенда Грејс Кели, ја одбираат Тереза да пее под знамето на нивниот Монако.

Тоа одекна како вистинска бомба за сите тогашни учесници, бидејќи Тереза доаѓаше од Социјалистичка Југославија, но истовремено имаше и успешна кариера во земјите од западноевропскиот блок. Вакви примери има уште, а еве најсвежиот ќе се случи токму оваа година во Израел кога државјанин на Мароко, транссексуалецот Билал Хасани ќе ја претставува Франција. Французите сметат дека токму со него иако има поинакво потекло, државјанство, но и поинаква сексуална ориентација би можеле годинава да победат. Минатогодишната Евровизија имаше уште поинтересен случај кога Албанците пееле за две различни држави.

За Кипар настапи згодната Елени Фуерира која долго време криеше од медиумите дека всушност е Албанка која со падот на комунизмот на Енвер Хоџа, избегала на Кипар, од родната Албанија. Пејачот Ермал Мета го видовме како претставник на Италија, а од Албанија со семејството емигрира на почетокот на 90-тите. Во Италија создава успешна кариера, а врвот го достига настапувајќи на Евровизија како Албанец под италијанско знаме…
Дуле М.