Членството во НАТО ни е одработено и заработено!

2

Македонија, според дипломатите во НАТО, е “успешната приказна” во регионот, и доколку процесот околу Преспанскиот договор се одвива непречено, се очекува земјата да стане триесетта членка на Алијансата во 2020

Западен Балкан е од клучно значење за НАТО и ние имаме силни врски со сите земји во регионот. Го поздравуваме напредокот кој е постигнат во Скопје на имплементацијата на договорот за името. Се радувам дека ќе ги дочекаме како 30-та членка на НАТО откако ќе бидат завршени процедурите во земјата, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг на состанокот на министрите за надворешни работи. На почетокот, тој се осврна на состојбата во Западен Балкан, потенцирајќи дека стабилноста и сигурноста на регионот е од големо значење за Алијансата.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров по средбите порача дека се очекува Македонија да стане полноправна членка на пролет 2020 година и дека членството ќе значи гаранција за нејзините сегашни граници.

– Од 1993 година кажавме дека сакаме да бидеме дел од НАТО, со првата декларација од Собранието на РМ, требаше да влеземе во 2008. Поминаа 10 години. Конечно го отстранивме проблемот и ја надминуваме разликата со Грција околу името, и тоа е важно за Македонија, за Алијансата и за регионот, изјави Димитров. За нас членството во НАТО значи дека Македонија е тука да остане, во овие граници, додаде министерот.

Тој учествуваше на сесијата на НАТО за мисијата “Одлучна поддршка# во Авганистан во рамките на која Македонија испраќа свои сили. Министерот информираше дека остварил девет билатерални средби со земји членки на Алијансата на маргините на дводневниот министерски состанок. Меѓу нив се Франција, Унгарија, Грција, Норвешка, Литванија и други.

Македонија, според дипломатите во НАТО, е “успешната приказна” во регионот, и доколку процесот околу Преспанскиот договор се одвива непречено, се очекува земјата да стане триесетта членка на Алијансата во 2020.

– Планот е штом процесот кај нас заврши, да се финализира пристапниот протокол, кој заедно со Договорот од Преспа ќе оди на ратификација во парламентот во Атина. Потоа зависи од останатите парламенти од другите земји членки кога ќе се формализира нашето членство, тоа најверојатно ќе се заклучи некаде напролет 2020, изјави Димитров, охрабрен, како што рече, од средбите во НАТО.

На новинарско прашање за можни сомнежи на земјите членки за состојбата со владеењето на правото во земјата, министерот за надворешни ги отфрли овие критики.

– “Доверба во владеењето на правото во Македонија” е порака што ја добивам од повеќе главни градови последниве недели, така што во таа смисла тука немаме проблем, вели шефот на македонската дипломатија. Димитров изјави дека пораката на литванскиот министер била дека “многу долго чекавте, не се работи за симпатии, членството ви е одработено и заработено, ги исполнувате критериумите, го споделувате товарот”.

Слични пораки министерот добил од другите европски престолнини. На агендата на Димитров за вчера попладне беа средби во ЕУ, со еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка Федерика Могерини.

Сите министри за надворешни работи на земјите членки на НАТО вчера од Брисел испратија силна поддршка за финализирање и примена на Договорот од Преспа, изјави денеска висок дипломат на Алијансата. Поддршката дошла од сите членки на НАТО, а грчкиот алтернативен министер Јоргос Катругалос изјавил дека треба да се поздрави храброста на Скопје и Атина во овој процес.