Четвртата индустриска револуција во фокусот на Школата за млади лидери

95

Предизвиците што ги носи 4. индустриска револуција и како да се биде успешен во оваа драстична промена во човековата цивилизација ќе бидат во фокусот на 10. Школа за млади лидери што од денеска до 22 февруари ќе се одржува во Струга на иницијатива на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Промените и предизвиците, како што истакна на свеченото отворање, претседателот Иванов, се насекаде околу нас. Основата на третата дигитална револуција, според него, е инфраструктура за новата револуција во која сите процеси се соочуваат со големи предизвици.

– Последиците од големата трансфорамција и дигитализација на општеството и човековото живеење ги гледаме секаде околу нас. Секојдневно сме корисници на многу услуги, кои ги креираат машините со вештачка интелегенција. Многу процеси се водени од роботи и се автоматизирани и многу од предизвиците се основа за ангажирање филозофи и научници да се бават со она што го носи брзата промена, истакна Иванов.

Новиот дигитален свет, додаде, носи нови дигитални навики и можности иако зад себе сокрива многу опасности, сепак е привлечен и многу млади луѓе се вљубени во тоа што го носи новото време. Промените, нагласи, се многу брзи и ние многу брзо се прилагодуваме на новите технологии. Правејќи споредби за брзината на промените посочи дека во минатото за 50 милиони луѓе да користат телефон биле потребни 75 години, за истиот број луѓе да користат радио биле потребни 13 години, за телевизор седум години, а само четири години биле потребни за 50 милиони луѓе да користат интернет.

Задржувајќи се на статистиката Иванов посочи податоци од Глобалниот економски форум дека за следните пет години во 15 развиени земји во светот ќе исчезнат пет милиони работни места, за 47 отсто од денешните професии ќе нема потреба, но и дека 65 проценти од учениците што се сега во основно училиште ќе работат на работни места кои не постојат денес, односно допрва ќе бидат креирани.

Освен за придобивките од современите технологии Иванов се задржа и на предизвиците од нив, односно што ќе стане со човекот како суштество и колку е растеретен од доделување механички, физички и умствени работи.

– Неопходна е промена на целиот систем на едукација. Промена во сферата на образованието, производството, тргувањето, услугите… Сите тие промени подлежат на овој бран на дигитализација и осовременување преку користење на новите технологии, додаде претседателот.

Тој на младите лидери им порача да создаваат луѓе кои ќе соработуваат и ќе користат податоци и информации и оти поголема вредност има социјалниот капитал создаден преку вмрежување и размена на искуства.

– Не е целта да создадете луѓе кои ќе се натпреваруваат, туку целта е да создадете луѓе кои ќе соработуваат, не е целта да ги научите луѓето како да меморираат, туку како да користат податоци, информации и пристап до базите на податоци. Не е обврзувачки да имате домашна задача и дома да го правите тоа што можете да го направите додека сте на училиште. Така што, многу од тие искуства се покажаа и кај нас ефикасни. Дека многу повеќе вредност има социјалнитот капитал, создаден преку вмрежувањ меѓу блискост, размена на искуства и создавање, отколку некој потојано да ве учи на ред, дисциплина и поредок, рече Иванов.

На отворањето на Школата се обрати и претседателот на Tag-org глобалната организација за професионални услуги и едукација Талал Абу-Газалех, кој во име на компанијата на претседателот Иванов му врачи признание за неговиот придонес за новата генерација.

На учесниците им порача дека улогата на лидерот е да се посвети на иднината, а не да биде роб на денешницата, посочувајќи им дека за успехот се најбитни љубовта и среќата.

-Прво и основно е љубовта. Тоа е најмоќното чуство. Сакајте ја вашата земја, сакајте го претседателот, колегите…. Втор фактор за успехот е среќата. Вие одлучувате дали ќе бидете среќни или не. Јас сум имал безброј лоши искуства, сум немал ни облека, но одлучив да бидам среќен. И еве ме денес, нагласи Абу-Газалех.

На 10. Школа за млади лидери учествуваат 40 учесници, а за предизвиците и тајните на дигиталната трансформација на општеството, економијата, биолигијата, физиката…. ќе им говорат над 20 реномирани предавачи од повеќе земји во светот.