Храната ќе поскапи, а граѓаните неможат да одат во Србија и Грција да пазарат поевтино

Од 1 март нема гарантирани цени. И покрај тоа што се очекуваше мерката да продолжи, сепак министерот за економија Крешник Бектеши пресече и рече дека   мерката завршува на крајот на месецов. Тој очекува со донесувањето на законот за забрана на нефер трговски практики ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. Од Организација на потрошувачи на Македонија сметаат дека мерката требаше да биде продолжена барем до после изборите. Со укинување на мерката цените ќе растат, а граѓаните сега бидејќи немаат нови пасоши не можат да одат ниту во соседните земји да пазарат поевтино. Економистите сметаат дека мерката требаше да биде продолжена, затоа што сега цените повторно ќе пораснат и тоа ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните

3601

Од 1 март нема гарантирани цени. И покрај тоа што се очекуваше мерката да продолжи, сепак министерот за економија Крешник Бектеши пресече и рече дека   мерката завршува на крајот на месецов. Тој очекува со донесувањето на законот за забрана на нефер трговски практики ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи. Од Организација на потрошувачи на Македонија сметаат дека мерката требаше да биде продолжена барем до после изборите. Со укинување на мерката цените ќе растат, а граѓаните сега бидејќи немаат нови пасоши не можат да одат во соседните земји да пазарат поевтино. Економистите сметаат дека мерката требаше да биде продолжена, затоа што сега цените повторно ќе пораснат и тоа ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните.

-Со укинување на мерката гарантирани цени се очекува пораст на основните прехранбени производи. Сметам дека сега не е прав момент за да се укине оваа мерка. Требаше да останат замрзнати додека не завршат изборите. Од друга страна, сега кога луѓето немаат пасоши ускратено им е и правото да одат во соседните земји да пазарат поевтино. Со тоа што им е ограничено правото на слободно движење граѓаните се на некој начин оштетени и не можат да одат во Србија, Грција да купат поевтина храна, вели за весникот ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова.

Таа смета дека мерката треба да биде продолжена поради тоа што досегашното искуство покажа дека после секое одмрзнување или тргање на другите мерки кои беа на сила имаше пораст на цените на основните прехранбени производи.

-Цените паднаа на ниво од 1 август и имаше намалување во делот на прехранбените производи, што секако влијаеше и на намалување на инфлацијата. Но, другите производи кои не беа на листата на основни прехранбени производи продолжија да растат, што граѓаните го чувствуваа при секое пазарење, појаснува Лончар Велкова.

И економистите сметаат дека мерката требаше да биде продолжена, затоа што сега цените повторно ќе пораснат и тоа ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните.

-Владата не знае што прави. Одлуката да се укинат ограничувањата е апсолутно погрешна и несомнено ќе доведе до поскапувања, што ќе ги погоди граѓаните. Ова го прават на крајот на нивниот мандат, што исто така е многу погрешно. Оваа одлука треба да се препушти на новата влада, не на оваа техничка. Со одлукава владата праќа и многу силна симболична порака, дека граѓаните не ѝ се важни. Дека на прво место им се нивните лични интереси, што се гледа и по тоа што повторно најавуваат дека ќе пораснат платите на функционерите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Бранимир Јовановиќ економски аналитичар.

Универзитетски професор Јован Пејковски исто така смета дека одлуката за укинување на мерката е погрешна е дека ќе предизвика раст на цените на храната.

-По тргање на мерката логично е цените да почнат да растат, бидејќи слободно ќе се формираат врз основа на понудата и побарувачката. Досега под притисок на власта беа ограничени на ниско ниво. Растот на цените во услови кога платите и пензиите не растат со исто темпо може да предизвика дополнително осиромашување и незадоволство кај граѓаните. Поради тоа државата мора да реагира, вели за весникот ВЕЧЕР, Пејковски.

Според него, законот за нефер трговски практики кој се уште не е донесен не може да го спречи растот, односно да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

-Овој закон сè уште не е донесен и откако ќе се донесе Комисијата за заштита на конкуренција треба да го спроведе. За таа цел потребно е таа да се подготви, а тоа трае шест месеци. Од друга страна и кога ќе се донесе со овој закон нема да се намалат цените, туку ќе се намали профитот, рабатот на трговците, објаснува Пејковски.

Министерството за економија лани на 20 септември донесе Одлука за изменување на одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, како и обврска трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количество на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед што беше објавена во Службен весник и важи до 29 февруари годинава.

Одлуката се однесува на: ориз бел, во пакување од 900 г до 1 кг; брашно пченично тип 400 и тип 500; бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите; други пекарски производи; бисквити „Petit Beurre“ и бисквити обични и посни од 300 до 500 г; наполитанки, со фил од какао крем (обични, непрелиени) од 300 до 500 г; тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица обични) без и со јајца од 500 г; јунешко месо без коски, од бут или некој друг дел; свинско месо без коски, од бут или некој друг дел; мелено месо свинско и јунешко; пиле свежо или замрзнато (цело); пилешки стек свеж или замрзнат; чаен колбас (јунешки, свински и говедски) без додатоци и без слајс пакување; пилешка посебна салама (без слајс пакување); паштета од џигер и пилешка (без додатоци) во пакување од 95 и 100 г; трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 l; јогурт од кравјо млеко обичен (без додатоци) со масленост од 2,8% до 3,2%, во пакување од 1 l и 1,5 l; кисело кравјо млеко (обично, без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2%, во пакување од 300 до 500g; павлака од кравјо млеко со масленост од 12% до 20%, во пакување од 180 или 200 g; традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење (без додатоци);  традиционален кравји и мешан кашкавал (без додатоци) и свежи јајца од кокошка.

Покрај тоа, донесена е и одлука за изменување на одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало што, исто така, важи до 29 февруари годинава и се однесува на: светло пиво во пакување од 1,5 л во шише; газирани пијалаци (сокови) во пакување над 1 л во шише; негазирани пијалаци (сокови) во тетрапак пакување и минерална, газирана и негазирана природна изворска вода во пакување над 1 литар во шише.

Министерот исто така потсети дека неговото министерство донесе и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук што важи до 28 февруари годинава според која применливата царина е 10 отсто за кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан и тиквички, како и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки што исто така важи до 28 февруари годинава и за кои применливата царина е 10 отсто. Со земјите од ЦЕФТА, пак, царината е 0 отсто.

(А.С.)