ФОТОВЕСТ: Камиони, бетонски плочи и кабли на рекреативната патека покрај Вардар

251

Денеска беше раздвижено на кејот на реката Вардар во минор коритото во делот пред мостот кај една од галиите. Можеа да се забележат камиони и кранови, но и песок, бетонски плочи, клопчиња кабли истурени во и тоа малку зеленило што го има во средишниот дел.

Она што се случуваше може буквално да се нарече еколошка катастрофа. Покрај тоа што со истурање на материјалот се уништува и она малку преостанато зеленило на кое се познаваат трагите од камионите, се уништува и пешачката и велосипедска патека, а со тоа се оневозможува нормалното движење на пешаците, велосипедистите, бидејќи таа со прегради буквално е пресечена, а дел од патеката е веќе раскопан.

Се разорува и уништува единствената рекреативна зона во строгиот центар на градот под тежината на камионите. Граѓани реагираат, бидејќи сметаат дека на тој начин им се уништува прекрасна рекреативна зона каде земаат здив од секојдневната бука, пешачејќи или возејќи велосипеди, ролери, тротинети или џогирајќи.

Во потрага по тоа кој работи и што всушност работи кога од активностите се оградија и јавното претпријатие „Улици и патишта“ и ЈП „Паркови и зеленило“, се утврди дека станува збор за активности на ЕВН.

Како што објаснија оттаму се работи за реконструкција и модернизирање на електро-дистрибутивната мрежа, со цел подобрување на напонските прилики на корисниците.

– Екипите на Електродистрибуција во моментов работат на тој потег – одговорија од ЕВН.

Добро е тоа што се работи на модернизирање на електро-дистрибутивната мрежа и подобрување на напонските прилики на корисниците, но тоа не треба да се прави на сметка на уништување на зеленилото и попречување на слободното и нормалното движење на граѓаните. Да се надеваме барем дека по завршување на активностите состојбата ќе биде вратена како што била пред нивното започнување.

(А.П.)