Уште седум деца на Инфективна со симптоми на морбили, сите се невакцинирани

10

На Клиниката за инфективн болести во Скопје хоспитализирани се нови седум деца на возраст од 2 години. Како што информираат од Министерството за здравство сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје, и ја посетувале детската градинка „Сонце“.

-За сите нови седум пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Досега се заболени вкупно 8 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП вакцината. Дечињата што ја посетувале градинката биле во групата каде имало 28 деца и сите невакцинирани-информираат од ресорното министерство.

Од 16 декември до вчера вкупно 22 лица биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица се уште се хоспитализирани, а 9 се веќе пуштени на домашно лекување.

-Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а најстариот има 33 години од Скопје.

Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче, односно во општина Аеродром од мали сипаници има заболено вкупно 9 деца.
Здравствените власти потврдуваат дека од вкупниот број заболени, 8 пациенти од Скопје биле со полесна клиничка слика и се на домашно лекување.
Според податоците од Клиниката за инфективнби болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои се сомневале или потврдиле дека се заболени од морбили.

Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1.692 лица, а само вчера до 13 часот вакцинирани се 85 деца.
Министерството уште еднаш повикува на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили и има доволно количини од МРП вакцините. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

За да потврди дека МРП вакцините се со добар квалитет министерот за здравство Венко Филипче ја вакцинирал својата внука Илина. Тој официјално објави на Фејсбук дека ја вакцинираше внуката Илина во обид да ја охрабри македонската јавност и особено скептиците и конспираторите против имунизацијата.
-Единствено добро што родителите можат да направат за своите деца е да им овозможат добро здравје, грижа и многу љубов – напиша Филипче и појасни дека Илина е имунизирана во амбулантата Млин Балкан.

Министерот во интервју на Вечер деновиве кажа дека во оваа Поликлиника и тој и неговото дете се навреме вакцинирани.
Што се однесува пак за проблемот што настана кај декларациите на вакцините и стравот на родителите дека се со поминат рок, министерот во неколку наврати нагласи дека вакцините се безбедни, ефикасни и заштитуваат од разни болести.

Филипче посочи дека контролите на увезените вакцини се направени во една од четирите лаборатории во Европа, кои вршат биолошки испитувања. При увоз, вакцината треба да има сертификат дека е испитана во европска лабораторија.

Вонредни контроли од страна на испекторите на Агенцијата за лекови – МАЛМЕД и санитарните инспектори на ДЗСИ се прават веќе неколку дена во „Македонија лек“, каде по техничка грешка, како што соопштија оттаму, биле залепени стари декларации, но вакциналните не се со поминат рок, бидејќи водениот жиг на нивните шишенца покажува дека се употребливи до летото 2019 година.
Вакцини со ваков датум се откриени во поликлиниката Железничар, и во здравствените домови во Демир Хисар, Велес и Свети Николе.

Филипче најави дека поради ваквиот пропуст на дистрибутерот „Македонијалек“, можно е одземање на лиценцата за работа како и раскинување на сите договори со оваа компанија.

Министерот исто така потврди дека наскоро кај нас ќе пристигнат претставници и од белгискиот „Глаксо Смит Клајн“, компанија производител на МРП вакцините, заради грешката со декларациите.

(В.Ма.)