Уште еден Македонец во дресот на Динамо (З)

290

За неколку дена и официјално ќе стартува зимскиот преоден рок. Во соблекувалната на најтрофејниот хрватски клуб, Динамо (З), сигурно ќе има нови лица, а списокот на играчи со кои се поврзуваат „модрите“ од ден на ден е се подолг и подолг.

За очекување е Динамо (З) да се засили во сите делови од тимот, бидејќи напорната есен го исцрпи актуелниот играчки ростер, за што сведочат бројните повреди, пред се на некои од клучните играчи на тимот.

Во последните часови неочекувано име почна да се поврзува со преселба на „Максимир“. Станува збор за фудбалер кој шефот на стручниот штаб, Ненад Бјелица, многу добро го знае и е запознаен со неговите човечки и играчки способности.

Не играше со недели, поточно од ноември, беше исфрлен од тимот и повеќе не се смета на неговите услуги. Идентичен случај со оној на повремениот репрезентативец на Хрватска, Мислав Оршиќ.

И додека Оршиќ го раскина договорот со Трабзонсор, капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Енис Барди, се уште не го направил тоа.

Барди беше отпишан заедно со Оршиќ пред неполни два месеци. Хрватот веќе го напушти брегот на Црното Море, додека Македонецот се подготвува за истото.

Офанзивниот играч за врска бара од Трабзонспор да ги исплати преостанатите плати, односно за пролетниот дел од сезоната, бидејќи неговиот договор трае до средината на 2025 година, а турскиот клуб му даде слобода да бара нов клуб, само за да се ослободи од него.

Косовскиот весник „Коха“, повикувајќи се на извори од Турција, ја пренесе веста дека Барди може да заврши на „Максимир“ и дека Динамо (З) е еден од заинтересираните клубови.

Овој 29-годишен играч во последните три сезони е член на Трабзонспор, а минатата година извесен период го тренираше Бјелица и многу добро знае за каков играч се работи.

Македонецот покрива неколку позиции во средниот ред, а може да игра и на крилната позиција, каде што многу веројатно би бил искористен во случај да дојде. Станува збор за играч кој има огромно искуство играјќи во шпанската Ла Лига каде пет години настапуваше за Леванте.

Во екот на кариерата во сезоната 2019/20 вредеше дури 20 милиони евра, а во тој период беше поврзуван и со славниот Арсенал и го бараше Микел Артета.

Покрај Бјелица, Барди одлично ги познава Стефан Ристовски и Аријан Адеми, бидејќи долги години беа соиграчи во репрезентација.

 

ИЗДВОЕНИ