Во Гевгелија викендов беше отворена интересна изложба на детски цртежи. Младите уметници се претставија пред јавноста, во големата сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“, со своите уметничките творби инспирирани од нивните омилени книги. Најуспешните цртежи ќе бидат дел од изложбата „Mon Livre Préféré“, која од 4 до 9 февруари 2024 година ќе се одржи во Париз, Република Франција. Изложбата ја отвори наставничката Наташа Смилкова, која притоа напомена:
„На покана на гевгеличанката која живее и твори во Париз, Анита Алабо и визуелната уметница од Франција, Јоланда Ајо, член на асоцијацијата на ликовни уметници од Париз, учениците од четврто до деветто одделение од ООУ ‘Крсте Мисирков’ заедно со ученици од СОУ ‘Јосиф Јосифовски’, со особено задоволство се зафатија за работа и создадоа над 300 ликовни творби. Сите тие цртежи беа инспирирани од нивните омилени книги и претставуваат поврзување помеѓу литературата, детската креативност и визуелната уметност“.
Комисијата, во која членуваа ликовни уметници и наставници, ги избраа најдобрите 60 творби, кои ќе бидат дел од изложбата во Париз. Беше инспиративно да се гледа со каква радост и возбуда се вклучија учениците во овој проект, предизвикани од помислата дека нивните цртежи ќе бидат изложени во Париз“, истакна Смилкова.
По неа на присутните им се обрати и Анита Алабо, која е „виновникот“ за поврзувањето помеѓу гевгелиските училишта и носителот на проектот „Мојата омилена книга“, француската уметница Јоланда Ајо.
„Ова е втора година по ред како гевгелиските ученици ќе учествуваат на оваа изложба во познатата париска галерија GALERIE MENIL’8, рече Алабо. Овој проект е поддржан од Министерството за култура на Република Франција, а наредната година, изложбата ќе биде четврта по ред. Овој пат таа ќе има интернационален карактер бидејќи на неа ќе учествуваат ученици од девет основни училишта од Париз, Франција, Фес, Мароко и од Гевгелија, Македонија.
Креативноста и учеството на изложбата го зголемуваат ентузијазам кон читањето на младите. Она што е позначајно е фактот што преку овој проект се промовира културната размена, се поттикнува креативноста, а воедно се поттикнува љубовта кон францускиот јазик и култура“, истакна Анита Алабо.
Организатори на оваа изложба беа наставниците: м-р. Александар Јанев, Елизабета Караниколова, Розета Картова и Наташа Смилкова. Музичка поддршка на изложбата дадоа ученици од Основното музичко училиште „Васо Карајанов“