Увозници од Македонија отворале фирми во Србија, го препакувале увозниот оризот и го продавале како кочански

Македонски фирми што увезуваат ориз од Индија, Пакистан и од земјите од Далечниот Исток, го препакувале, го декларирале како кочански и го продавале во маркетите. Освен кај нас, отвориле фирми и во Србија и, во соработка со наши и со српски трговци, го продавале како кочански. Земјоделските експерти апелираат до Државниот земјоделски инспекторат итно да реагира и да го спречи овој криминал за да не се наруши довербата кај купувачите во квалитетот на кочанскиот ориз

1961

Македонски фирми што увезуваат ориз од Индија, Пакистан и од земјите од Далечниот Исток, го препакувале, го декларирале како кочански и го продавале во маркетите. Освен кај нас, отвориле фирми и во Србија и, во соработка со наши и со српски трговци, го продавале како кочански. Земјоделските експерти апелираат до Државниот земјоделски инспекторат итно да реагира и да го спречи овој криминал за да не се наруши довербата кај купувачите во квалитетот на кочанскиот ориз. Македонскиот пазар е преплавен со ориз од увоз и нема заштита на домашното производство.

Ориозопроизводителите велат дека има многу увезен ориз, кој се продава во маркетите како кочански. Поради тоа, тие бараат Инспекторатот да излезе на терен и да го провери квалитетот и доколку не е кочански, да се продава како индиски, пакистански. Важно е да не се декларира како кочански, бидејќи се уништува кочанскиот ориз, а се знае дека тој е бренд и е најквалитетен.

И земјоделските експерти се согласуваат дека увозниот ориз е со послаб квалитет и оти мора да се спречи овој криминал за да се зачува довербата во квалитетот на кочанскиот ориз.

– Криминалот не е кај земјоделците, туку кај увозниците, кај истите тие што зедоа субвенции. Овие фирми што го увезуваат, го декларираат како домашен, кочански. Освен кај нас, имаат отворено фирми и во Србија, и таму го препакуваат и, во соработка со трговци од Македонија и од Србија, го продаваат како кочански во двете земји. Тој не е со ист квалитет и поради тоа, се наруши имиџот на правиот кочански ориз – изјави за весникот ВЕЧЕР Илија Каров, универзитетски професор.

Тој додава дека, освен тоа што увозниот ориз од Индија, Пакистан… се продавал како кочански, се увезувала и оризова арпа од Италија, Турција и од Грција, која се продавала како семе.

– Државниот земјоделски инспекторат мора итно да реагира, да врши поголеми контроли кај увозниците и да ги спречи овие малверзации што ги прават откупувачите. Тие ги уценуваат нашите земјоделци и не сакаат да го откупуваат, а, од друга страна, увозниот го продаваат како кочански и заработуваат – додава Каров.

Тој вели дека и покрај тоа што кочанскиот ориз е многу квалитетен, откупувачите ги уценуваат земјоделците со образложение дека има многу рандеман, влага и други примеси и им ја спуштаат цената. Исто така, оризот што го откупуваат како крш, на земјоделците им го откупуваат за џабе, а потоа истиот го враќаат во здравиот ориз. Во оваа индустриска гранка владее анархија и Инспекторатот треба да излезе на терен и да види што се прави.

Според Каров, со откупна цена од 35 денари за килограм оризова арпа, земјоделците може да ги покријат производствените трошоци, но не и да заработат, бидејќи цената на ѓубривото и на нафтата многу се качија. Откупната цена  на оризот со години не е променета, а во маркетите се продава по 100 денари за килограм.

Единствена надеж за оризопроизводителите во моментот им се ветувањата од ресорното Министерство дека откупната цена ќе биде повисока, што ќе ги мотивира оризопроизводителите да продолжат да ги обработуваат полињата, зашто, во спротивно, навистина, како држава, ќе станеме увозно зависни за оваа зрнеста култура.

Минатогодишната реколта потфрли и според квалитетот и според квантитетот, а годинава, поради задоцнетата сеидба, стравуваат дека жетвата ќе биде уште посиромашна.

(А.С.)