Тинејџер уби три и повреди четири лица во луксузен трговски центар во Бангкок/ВИДЕО

39

Три лица загинаа, а четворица се ранети во вооружен напад во големиот трговски центар Сиам Парагон во главниот град на Тајланд, Бангкок, соопшти денеска тајландската служба за итни случаи.

Непосредно пред тоа, тајландскиот премиер Срета Тависин изјави дека напаѓачот е уапсен, односно се предал на полицијата.

Премиерот рече дека полицијата го евакуирала центарот, а репортер од Франс прес јави дека стотици луѓе ја напуштиле зградата лоцирана во центарот на Бангкок.

На социјалните мрежи може да се видат снимки од бегството на посетителите од шопинг центарот, што беше затворен веднаш по пријавата на нападот, како и блиската станица на метрото.

На една од снимките се гледаат луѓе како се кријат во затемнета просторија од ресторан во центарот.

Локалната телевизиска станица Канал 3 објави дека од тоалетите на трговскиот центар се слушаат звуци слични на истрели.

Портпаролот на полицијата Ачајон Краитонг изјави дека началникот на националната полиција испратил полициски екипи за контрола на областа.

Вооруженото насилство е вообичаено во Тајланд.

Поранешен полицаец лани уби 22 деца во градинка, а во 2020 година војник уби најмалку 29 лица и рани други 57 во напад што се случи на четири локации во и околу североисточниот град Након Рачасима.