„Концертот на ‘Танец’ е прослава на македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина… Тој е достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на завчерашниот јубилеен концерт на националната установа „Танец“. Публиката и овој пат уживаше во македонските фолклорни бисери  „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“…

Под мотото „75 години македонски код“, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ завчеравечер, во преполната сала на Националната опера и балет, одржа завршен јубилеен концерт со кој уште еднаш покажа зошто претставува чувар на македонското фолклорно наследство и е еден од најголемите културни амбасадори на нашата држава во светот. По серијата јубилејни концерти одржани во текот на годината во земјава, но и надвор од државата, Танец и овој пат во Скопје на присутните им приреди величествено патување низ македонската фолклорна традиција, славејќи ја македонската култура и традиција.

„Низ својата културна мисија низ децениите, ‘Танец’, прерасна во достоен репрезент на најубавото, непроценливото македонско фолклорно богатство и творештво кое го потврдува идентитетот на македонскиот народ. Изведувајќи ги „Тешкото“, „Невестинското“, „Комитското“ и другите македонски фолклорни бисери на многубројните настапи на концертни сцени во светот, ‘Танец’ одигра историска мисија, покажа и докажа дека Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет“, кажа министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој на сите вработени во aнсамблот им го честиташе јубилејот, заблагодарувајќи им се за нивниот придонес во градењето на реномето на оваа институција. Тој додаде дека „Танец е национален бренд и гордост на македонската култура.

На концертот кој беше пречекан со големо нетрпение, игроорците, оркестарот, како и солистите на ансамблот се претставија со добропознатите ора и песни, а нивната изведба беше постојано проследена со голем аплауз и овации.

Министерот Љутков изрази уверување дека и во иднина „Танец“ ќе биде врвен промотор на Македонија, преку кој, додаде, ќе ја прославуваме македонската култура и традиција, нашето минато, сегашност, но и иднина…

Инаку, „Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Македонија, формиран во 1949, со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот неуморно ја шири убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа.

Во текот на своето постоење, има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, настапувајќи пред полни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто… „Танец“ поседува и уникатна збирка на повеќе од 3.000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина и секој негов настап е посебно аудиовизуелно доживување за публиката. Репертоарот на ансамблот се состои од повеќе од 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од богатиот македонски фолклор…

ИЗДВОЕНИ