Сè помалку овци во државата – сирењето стана 700 денари, а урдата 350 денари за килограм

Во државата има сè помал број фарми и сè помалку овци, количините на млеко се намалуваат, а цената на млечните производи расте. Така овчото сирење веќе стигна 700, а урдата 350 денари за килограм. Сточарите се жалат дека трошоците за одгледување на овци се сè повисоки и ја надминуваат добивката, а младите масовно ги продаваат стадата и се иселуваат. Овој проблем во државата постои веќе 5-6 години, а државата нема стратегија за негово решавање. Поради тоа не е ни чудо што кашкавалот стигна до 1.000 денари за килограм, а цената на останатите млечни производи не престанува да расте

1674

Младите си заминуваат од државата, а стадата секоја година се намалуваат. Во државата има се помал број на фарми и се помалку овци, количините на млеко се намалуваат, а цената на млечните производи расте. Така овчото сирење веќе стигна 700, а урдата 350 денари за килограм. Сточарите се жалат дека трошоците за одгледување на овци се сè повисоки и ја надминуваат добивката, а младите масовно ги продаваат стадата и се иселуваат.

Овој проблем во државата постои веќе 5-6 години, а државата нема стратегија за негово решавање. Поради тоа не е ни чудо што кашкавалот стигна до 1.000 денари за килограм, а цената на останатите млечни производи не престанува да расте.

-Бројот на овци драстично се намали последниве 5-6 години. Нема овци, нема доволно количини на млеко и сето придонесе да се качат цените на млечните производи. Цената на чистото овчо сирење без додатоци моментално е 500 денари, но ќе почне да се продава по 700, а урдата која сега е 200-250 денари ќе се продава за 300-350 денари за килограм, вели за весникот ВЕЧЕР, Митко Јанков претседател на здружението „Агроцентар“.

Според него, цените на млечните производи нема да престанат растат, бидејќи домашното производство на млеко се намалува, а младите не сакаат да работат и да продолжат со сточарството.

-Се продаваат цели стада на овци, младите не сакаат да се занимаваат со сточарство и масовно се иселуваат. Оваа генерација овчари кои се стари околу 50 години ќе биде и последна која одгледува овци. И покрај тоа што овој проблем постои подолго време државата нема стратегија за негово решавање, објаснува Јанков и додава дека доцнењето на субвенциите придонесе проблемот дополнително да се продлабочи и да ја намали работната сила во сточарството.

И сточарите од Брегалничкиот Регион најавија дека цената на сирењето кое го произведуваат во своите млекарници на бачилата ќе ја зголемат за 30 отсто најдоцна до 1 септември.

Причините за зголемувањето на цената, според нив се немањето на работна сила, намалување на стадата, а и климатските промени си го направија своето.

Според нив, пред пет години во најголемиот сточарски регион во Источна Македонија, Малешевијата, биле евидентирани 16.000 овци. Сега, како што велат, нивниот број е преполовен и изнесува над 8.000 овци.

Сточарите велат дека ако продолжи растот на цените на млечните производи веќе нема да им се исплати да го даваат млекото во млекарниците, туку ќе почнат да го преработуваат и да прават во кашкавал, сирење, урда…Моментално откупната цена на овчото млеко е 60 денари за литар, но неофицијално млекарниците го откупуваат и по пониска цена.

(А.С.)