Субвенција од по 10.000 денари за јорганџија, опинчар, крзнар, шапкар, ковач…

1158

Град Скопје со по 10.000 денари ќе ги субвенционира старите занаети и занаетчиски дејности што се во изумирање. Целта е да се поттикне развојот на традиционалните занаети. Станува збор за јорганџија, опинчар, јажар, крзнар, грнчар, шапкар, ковач, лимар, казанџија, копчар, свеќар, изработка на венци, сита, саатчија, ракотворби- корпар, ракотворби-изработка на сувенири, домашна ракотворба, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти и самарџија.

Објавен е и јавниот повик, а предвидени се вкупно 1.000.000 денари за субвенционирање. Право на учество на јавниот повик имаат занаетчии кои не добиле буџетски средства од проекти за субвенционирање од Град Скопје во тековната година, занаетчиите кои се регистрирани согласно Законот за занаетчиство и оние кои имаат занаетчиска дозвола и обавуваат занаетчиски дејности во изумирање, кои согласно обработените податоци бележат намалување на активноста во континуитет.

За да можат да се пријават за користење на субвенции, занаетчиите треба да достават пополнетo барање, решение за упис во Регистар на занаетчии, занаетчиска дозвола, тековна состојба од Централниот регистар на РСМ не постарa од шест месеци, подмирени обврски кон Град Скопје (комунална такса – фирмарина и данок на имот) доколку дуќанот е во сопственост на подносителот на барањето, како и изјава од барателот дека досега не користел средства од Град Скопје за ниту една од намените во тековната година.

Барањата од занаетчиите ќе ги разгледува комисија формирана од градоначалникот на Град Скопје. Изборот на барателите, кои ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, ќе се прави врз основа на принципот „прв дојден, прв услужен“, односно по редослед на поднесени барања, до исцрпување на расположивите средства.

Еден барател може да користи субвенција само еднаш по објавен јавен повик во тековната година. Пријавите за јавниот повик за субвенционирање на стари занаети и занаетчиски дејности во изумирање во градот Скопје можат да се поднесуваат најдоцна до 1.12.2023 година.

Доколку бидат исцрпени предвидените финансиски средства, Градот Скопје ќе го објави завршувањето на јавниот повик преку својата веб-страница. Исплатата на одобрените средства ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања по принципот „прв дојден прв услужен.

(А.П.)