Струшки адвокати бараат измени во Законот за плати на функционерите со кои минималната плата ќе биде основица за пресметка на функционерските плати. Адвокатот Глигорие Ќатоски смета дека политичарите треба да покажат солидарност кон народот, кој изминатиот период се соочи со ковид-криза, а се соочува и со економска криза и со криза предизвикана од воениот конфликт во Украина. Ќатоски поднесе иницијатива до парламентарните партии за измена на членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со која основицата за пресметка на платата на функционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен за претходната година. Ќатоски вели дека оваа измена е неопходна затоа што финансискиот надоместок на функционерите не треба да биде основен стимул за да се биде на висока државна функција, туку одговорноста да се придонесе за општото добро и јавниот интерес.
– Етички и морално да се направи е функционерите да покажат доблест и солидарност со својот народ, да направат соодветни законски измени за да не го дозволат тоа покачување на своите плати, кое е прилично големо. На овој начин, повторно функционерите ќе добиваат и повеќе од просечните плати, но ќе покажат дека се солидарни со народот, а, од друга страна, ќе покажат и дека функцијата ја преземаат не поради финансиски привилегии туку поради чин на одговорност на секој поединец да придонесе за општото добро и јавниот интерес како прашање на чест, а не како прашање поврзано со привилегии, вели Ќатоски.
Уставниот суд минатиот месец укина два члена од Законот за плата и надоместоци на избрани и именувани лица, со што овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. По реакциите во јавноста, премиерот Ковачевски рече дека Уставниот суд, а не Владата ги покачила платите на функционерите, а Владата дала негативно мислење пред судиите за укинувањето на двете законски одредби и го бранела ставот дека основицата по која се пресметуваат платите на функционерите треба да остане замрзната. Но, одлуката на Уставен е конечна, вели Ковачевски.
И шефот на државата, Стево Пендаровски, во неколку наврати порача дека платите не смеат да се покачат и Владата мора да најде механизам да ги задржи на истото ниво. Пендаровски смета дека е крајно некоректно кон граѓаните функционерите да добијат покачување на платите во време на криза и замрзнување на цените.
Токму адвокатот Глигор Ќатоски минатата година поднесе иницијативата до Уставниот суд за укинување и на апанажата за сите функционери. На почетокот од март, Уставниот суд го укина членот 22 од Законот за плати и други надоместоци за избрани и именувани лица, со кој се укинува правото на апанажа за функционерите што пред истекот на мандатот ќе поднесат оставка или ќе бидат разрешени. По оваа одлука, дилема отвори професорката по уставно право Рената Дескоска, која преку социјалните мрежи порача дека треба да си го поставиме прашањето дали ефектот на одлуката на Уставниот суд ќе биде укинување на апанажата во случаи на разрешување и оставка. Дескоска го цитира членот 19 од Законот за плата и други надоместоци и појаснува дека останала одредбата што предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите.