Стампедо на миса во Танзанија: Најмалку 20 мртви меѓу кои и пет деца

18

Најмалку 20 луѓе загинаа, а 16 се повредени во стампедо, кое настанало за време на миса на стадион во северна Танзанија, рекол владин претставник.

Неколку стотици се собрале на стадион во градот Моши, во близина на падините на Килиманџаро, за да бидат помазани со свето масло.

„Дваесет луѓе загинаа, а 16 се повредени во инцидентот“ рекол началникот на општината Моши, Кипи Вариоба за Ројтерс и додал дека меѓу загинатите се пет деца. „Стампедото настана кога верниците се стрчаа за да бидат помазани со масло. Беше ужасно, луѓето се газеа едни со други без милост“ рекол Вариоба.

Пасторот Бонифаце Мвампоса, кој се прогласил за апостол, собира полно луѓе на своите собири со ветување за просперитет како и ветување дека ќе ги излекува верниците кои доаѓаат по тоа што се нарекува „свето масло“ .

Властите стравуваат дека бројот на мртвите е поголем, поради големината на толпата и фактот дека стампедото се случило ноќе. Во последно време има сè повеќе пастори во Танзанија, кои ветуваат извлекување од сиромаштија и лекување на болести.