Со 770.000 евра удривме врз комарците!

113

За борбата со комарците, општините годинава платиле 770 илјади евра.

Тендери за справување со комарците имале 39 општини и еден плански регион со девет општини. Ова значи дека вкупно 48 општини годинава презеле мерки за уништување на комарците. Ова го покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.    

Според истражувањето, 35 општини со бореле со комарците од земја, односно имале тендери за т.н. терестичко прскање. Други шест општини, пак, се справувале со комарците од воздух, односно имале тендери за т.н. авионско третирање. Воедно, седум општини имале и земјено и воздушно прскање.

Вообичаено, најголем договор за уништување на комарците има Град Скопје, кој лани, за двегодишен третман против комарците од воздух и од земја платил половина милион евра.

Од другите општини, повеќе пари за уништување на комарците платиле оние кои најмиле услуга за авионско прскање и тоа Велес, Кавадарци, Кочани, Куманово и Штип.

Од вкупно 13 договори за јавна набавка за авионско прскање, 11 тендери добила кумановската фирма „Бониер“, додека останатите два, меѓу нив и највредниот, скопскиот, ги добил Аероклубот Скопје.

Кај договорите за уништување на комарците од земја, предничи кавадаречката фирма „Лиса-Ком МС“, со склучени девет договори. Следен е Центарот за јавно здравје Скопје со седум договори.

Цените што ги плаќаат општините за оваа услуга се многу различни и зависат од тоа дали прскањето е авионско или до земја, од опфатената површина, но и од бројот на третмани бидејќи многу општини предвидуваат по неколку третирања во текот на годината. Сето ова ја отежнува и споредбата на цените. Како и да е, најевтино за еден хектар прскање плаќа Град Скопје, само по 11 денари за хектар прскање од земја.

Авионските прскања чинат од 216 денари за хектар колку што плаќа Град Скопје, до 2.230 денари за хектар колку што платила Карбинци.

Кога станува збор за средството со кое се прска против комарци и ларви од комарци, општините не се многу прецизни во описот. Само две општини нагласуваат дека средството мора да биде еколошко, а други две општини наведуваат и какво средство или негов еквивалент би сакале. Како и да е, сите општини наведуваат дека средството мора да има решение за промет и да биде одобрено од Министерството за здравство.

(А.П.)