Со Клаудија Кардинале, Роџер Дикинс и Милица Стојанова и премиера на „Љубовникот“ отворен 39. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

34

Со перформанс за филмската магија, врачување на наградите „Златна камера 300“ на Клаудија Кардинале, Роџер Дикинс и Милица Стојанова и со светска премиера на македонскиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов вечерва во Битола се отвори 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

На гала свеченоста во Центарот за култура на италијанската актерка Клаудија Кардинале и беше врачена Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност од страна на министерот за култура Асаф Адеми.

Примајќи ја наградата, Кардинале се заблагодари на фестивалот за укажаната чест и испрати бакнежи до публиката, која пак ја поздрави со стоечки овации.

„Златна камера 300“ за животно дело, на свеченото отворање на фестивалот, му беше врачена и на оскаровецот, англискиот кинематографер Роџер Дикинс кој примајќи ја наградата истакна дека иако звучи како клише, тој чувствува дека е на погрешната страна на камерата, односно би сакал да биде на местото на снимател. Дикинс наградата ја прими од директорката на фестивалот Гена Теодосиевска.

Наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот фим“, пак, на свеченоста и беше врачена на македонската актерка Милица Стојанова од страна на претседателот на оваа асоцијација на филмски работници, Игор Иванов.

По свеченото отворање, премиерно беше прикажан краткиот црнобел нем филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов Изи, а веднаш потоа, во чест на годинешниот лауреат на „Златна камера 300“, оскаровецот Роџер Дикинс, беше проектиран филмот „Истребувач 2049“.

(Н.И.Т.)

Фото: З.Плавевски